Ѕвездата на француската фудбалска репрезентација и на шампиони Пари Сен Жермен, 23-годишниот Килиан Мбапе, сака уште оваа зима да го напушти клубот, пишува тиражниот шпански спортски дневен весник Marca.
Според весникот, наводно односите меѓу напаѓачот и управата на ПСЖ се целосно урнати, и поради тоа Мбапе сака да го напушти актуелниот француски шампиони.
„Нема враќање, Мбапе сака да го напушти клубот веќе во зимскиот преоден рок“, пишува Marca.
Мбапе веќе во јули годинава побара заминување од „Паркот на принцовите“ поради нарушените односи во клубот и меѓу играчите. Младиот напаѓач, имено, смета дека ПСЖ го предал откако добил низа ветувања од водството од кои повеќето останале неостварени.
Мбапе во ПСЖ стаса во јули 2017 година од Монако, прво на позајмица а следната сезона парискиот клуб го откупи неговиот договор за вкупно 180 милиони евра. Во мај годинава го продолжи договорот до 2024 година, иако се чинеше дека кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид.
Во дресот на ПСЖ досега впиша 229 настапи на кои постигна 182 погодоци, што го прави вториот најдобар стрелец во историјата на клубот. Пред него е само Уругваецот Единсон Кавани со 200 погодоци.