МД „Илинден“-Тирана ќе продолжи да се бори за правата за сите граѓани

МД „Илинден“-Тирана ќе продолжи да се бори за правата и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани.

По неприфаќањето на барањата на малцинствата во Албанија за гарантирани пратенички места, реагираше и Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, изразувајќи длабоко разочарување и порачувајќи дека ќе продолжат да се борат за правата и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани.

-Изразуваме длабоко разочарување и огорченост на одлуката на албанскиот законодавен дом, при усвојувањето на измените на Изборниот законик да не го земе предвид барањето на националните малцинства за загарантирани пратенички места, по примерот на повеќе европски земји. Ќе продолжиме да се бориме за правата и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Потсетува дека друштвото како рамноправна членка до Федералната унија на европските националности, ФУЕН, поднело резолуција со која се бара загарантирани места во парламентот за македонско национално малцинство во Република Албанија.

-На својот Конгрес во Леуварден, Холандија во 2018, ФУЕН и препорача на Република Албанија да обезбеди гарантирани места во парламентот. Истата беше доставена до сите албански и меѓународни институции. Исто така и Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, во својот петти мониторинг извештај за Република Албанија објавен во 2023 година, препорача земјата да креира позитивни политики за застапеност на малцинствата со загарантирани места во Парламентот. Но, како што се гледа ништо од тоа не е испочитувано, посочува Ѓурѓај.

Оценува дека актуелниот регионален пропорционален изборен систем е „дискриминаторски и не гарантира правична застапеност на малцинствата“, а „географската распространетост на националните малцинствата низ целата територијата на Република Албанија го отежнува ефективно застапување на нивните интереси во Парламентот“.

Претходно заедничка остра реакција имаа и партиите на Македонците, Власите, Египќаните и Ромите.