Mеџити бара од Владата нови 22 возила за Итна медицинска помош

Министерството за здравство доставило барање до Владата за набавка на нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, што се планира да бидат распределени во целата држава со цел да се обезбеди уште поефикасна здравствена заштита за пациентите.
Ова го соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити при денешната посета на службата за Итна медицинска помош во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, каде беше информиран за нејзината работа која е со зголемен обем поради високите температури кои ја зафатија земјава.

-Меџити разговараше со здравствените работици кои се дел од оваа служба и кои се во прва линија кога станува збор за итни случаи на лица на кои им е потребна здравствена заштита, интересирајќи се за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно на терен, се наведува во соопштението од Министерството.

Во текот на средбата Меџити посочи дека службата за Итна медицинска помош игра клучна улога во обезбедувањето на навремена и соодветна здравствена заштита за пациентите и дека токму затоа Министерството за здравство работи на унапредување на нејзините капацитети.

Информацијата за набавката на нови возила, како што се додава во соопштението, беше поздравена од здравствените работници во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, кои го информираа министерот дека најавената иницијатива за набавка на нови возила ќе биде од големо значење во насока на унапредување на нивната работа.