Меџити бара трајно вработување на лицата кои по 5-6 години работат со договор на дело

Министерот за здравство Фатмир Меџити имал жестока расправа со министерот за финансии Фатмир Бесими, поради барањето да се трансформираат договорите на дела на медицинскиот персонал во трајни вработувања.

-Мора да се реши прашањето со вработените во здравството кои со години работи без решен статус, изјави Меџити.

„Овие лица се веќе пет-шест години со договор на дело, а некои од нив и повеќе години. Затоа прашањето го отворив на седница на Влада минатиот вторник и имавме жолчна расправа со министерот за финансии. Треба да се залагаме овие прашања да ги решаваме и да ги поставиме на прав пат. Едвај ја чекам новата седница на Влада во вторник да видам кои се размислувања и што понатаму“, вели Фатмир Меџити.

Поради ваквиот статус на вработените во здравствениот сектор се поголем број се оние кои бегаат во приватното здравство. Меџити вели дека во некои од клиниките веќе се чувствува недостиг на кадар, но најмногу недостасува организација.

„Во врска со кадарот знам дека е дефицитарен во неколку клиники, во неколку не е, Онкологија навистина е под голем товар и Радиологија, другите клиники стојат добро со кадар но ние имаме три медицински факултети во држава и тие секојдневно и годишно произведуваат кадар, што не значи дека немаме кадар а тоа што немаме е дисциплина и немаме организација и систематизација“, вели Фатмир Меџити.

Во врска со скандалот со Онкологија Меџити уште еднаш го повика Обвинителството да преземе се што е потребно и во најскоро време да излезат со име и со преземе кој е одговорен за овој случај.