ДУИ сама си ги пишува заканите и сама ги пријавува во МВР, рече денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Според него, не е точно дека Елјеса Незири, предложен за директор на Државниот завод за индустриска сопственост, има кривична пријава за насилство.
-На ДУИ никој не им се закануваше додека беа власт, така што нема никаква логика некој да им се заканува сега, кога се опозиција. Имаат проблем со сами себе. Според мои потврдени информации, сами ги пишуваат заканите и сами ги пријавуваат во МВР. Во делот на заканите, ни ние, ни тие не треба да се плашат за своите челници, а во делот на прекршувањето на законите и одговорноста, тоа е друго прашање, истакна Меџити.
Негова оценка е дека треба да се внимава многу какви информации се пласираат во јавноста.
-Не е точно дека Незири има кривична пријава. Се занимава со спорт, со фудбал и при организирање турнир имало натегање во публиката, влегол да ги раздели и бил сведок. Ако одиме така, тогаш никој од нас не исполнува услови да биде дел од власта. Треба да бидеме конкретни и јавноста да биде детално информирана. Има и многу други „фејк њуз“ што се пуштаат од ДУИ, на пример, за патролирање на српската полиција во Охрид и тоа го претставуваат пред грашаните дека прв пат се случува, а тоа е протокол што го потпиша ДУИ со Србија за патролирање на српски полицајци во Охрид и имаат јавна изјава, тогаш кога беа на власт, ја поздравуваат таквата иницијатива, рече Меџити, одговорајќи на новинарски прашања по почетокот на кампањата „Делувај сега, за природата“.
Според него, ДУИ сака да обвини некој друг за тоа што го направила.
Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера информира дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и апелира надлежните институции да го истражат инцидентот. МВР, пак, во петокот, информира дека на 25 јули во 13:58 часот во полициската станица „Центар“, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23 јули 2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието била испратена порака со заканувачка содржина.