Меџити и дел од „огнените“ ја формираа новата партија Демократско движење, ќе соработуваат со прозападно ориентираните

Од денеска Албанците во Македонија имаат уште една политичка партија, Демократско движење, која произлезе од незадоволните високи членови на ДУИ. Основачкото собрание на Демократското движење се одржа денеска во скопскиот хотел Хилтон.

Главниот говор го одржа Изет Меџити кој по 20 години ја напушти ДУИ, партија во која беше и потпретседател и нивен градоначалник на Чаир.

Пред одржувањето на основачкото собрание „огнената група“ ја напуштија Невзат Бејта, Муса Џафери и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Тие велат дека се против основање на нова партија.

„Со кого ќе соработуваме не е важно, туку важна е нашата програма, идеите да ги презентираме пред граѓаните и да добиеме поддршка. После изборите ќе видиме со кого ќе коалицираме, но не по секоја цена со некого. Едно е сигурно, а тоа е дека нема да соработуваме со оние кои не се прозападно ориентирани“, изјави Меџити.

За случувањата во Тетово и во Чаир за време на престојот на косовскиот премиер Аљбин Курти Меџити изјави: „Ако се водиме по тоа што секој поставува знамиња за Кутлеш, за голема Албанија, треба секој ден да затвораме луѓе. Мислам дека на таа посета треба да се гледа позитивно, Курти промовира заеднички проекти како патот Tетово-Призрен кој ќе ги зближи луѓето, ќе придонесе за економски развој поголем туризам. Ќе ве замолам попозитивно да размислувате. Јас гледам дека по секоја цена сакате да најдете нешто. Тоа беше митинг. Секој ден ни се случува, јас гледам и карти од голема Македонија. Ние бевме и во општина Тетово каде пред општинската зграда има и македонско и албанско и општинско знаме, ако сакаме да гледаме, да проблематизираме по секоја цена“, изјави Меџити.

Тој додаде дека примерот со улицата Адем Демачи не треба да биде проблем, оти станувало збор за личност со европска вредност.

„Мислам дека помина времето кога Албанците се држеа под притисок и еве примерот со Демачи е чиста глупост, бидејќи тој е европска вредност. За волја на вистината, јас каде што живеев улицата беше „7 јули“, ден на српското востание, друга улица е Кримска, значи нема врска, ни со Албанците кои живеат таму, ни со Македонија“, подвлече тој.

Вчера Аријанит Хоџа, поранешниот потпретседател на Беса, ја регистрираше Европската демократска партија.