Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска информира дека во земјава пристигна лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза. Според министерот, денеска е голем ден.
-Се сеќавам пред неколку месеци на кризата што се создаде поради бирократските процедури кои создадоа паника кај пациентите со цистична фиброза. Оправдан беше револтот од страна на граѓаните. Секогаш во прв план ми биле пациентите и нивното здравје. Лекот трикафта е веќе на Детската клиника. Со 100 милиони денар е набавена терапија за следните месеци. Дополнтелно предвидени се 854 милиони денари за лекот во 2024 и 2025 година, со што пациентите со цистична фиброза ќе бидат обезбедени, рече Меџити на прес-конференција во Владата.
Министерот истакна дека пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, а согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија.
-Листата на пациенти е направена од страна на Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање, информира Меџити.