Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на втората годишна конференција на Унија на ветерани зборуваше за средбата во Социјалдемократскиот сојуз на новото и претходното партиско раководство, каде што посочи дека пред некој ден новинар го прашал дали ја видел таа средба, а Мицкоски му одговорил дека ја видел и дека на таа маса виде многу години одговорност за злото што му го направија на Македонија и на македонските граѓани.
Додаде дека одговорноста за сето тоа на нив им следи веднаш по поразот на следните парламентарни избори каде што промените се неизбежни.
„Пред некој ден еден новинар, репортер ме праша дали ја видов фотографијата. Му одговорив потврдно, да ја видов. Она што го има таму се луѓе кои направија многу штета за која следува многу години одговорност за сето она што им го донесоа на Македонија и на народот. А одговорноста за сите нив следи веднаш по поразот на изборите каде промените се неизбежни и ние како држава нема да одиме напред ако нема правда, а правда мораме да донесеме и јас ви ветувам дека ќе донесеме“, рече Мицкоски.
Луѓето од власта, додаде Мицкоски, се свесни дека ќе им се случи народ и дека ги чека тежок пораз и затоа она што им преостана се интригите, сплектарењето и очајните чекори на редење на клинови, сеење омраза и византиски игри.
„Па така пред некој ден се состанале Ковачевски, Зечевиќ, Заев и Спасовски да прикажат дека се единствени и сплотени. Потребата да се прави сето ова всушност ја покажува спротивната теза дека се длабоко поделени и раскарани. И добро е што се сретнале, затоа што така пропадна уште една теза на одредени кругови на власта, па и на оние нивни лакеи во опозицијата дека имало било каква тајна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Заев“, посочи Мицкоски.