Претставници на 131 земја-членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) одлучија британскиот адвокат Карим Кан да биде новиот главен обвинител на Трибуналот за воени злосторства. Тој ќе ја замени Фату Бенсуда кога ќе и истече деветгодишниот мандат подоцна оваа година.
Како што пренесува британски „Гардијан“, Кан, кој ја вршеше функцијата помошник генерален секретар на ОН и неодамна водеше специјална истрага на ОН за злосторствата на Исламска држава, победил во вториот круг на гласање и ја добил поддршката од 72 од 131 земја. Тој во јуни 2021 година ќе го почне својот деветгодишен мандат во Хаг.
„Гардијан“ пишува дека првата задача на Кан, кој е експерт за човекови права, е да обезбеди повеќе пресуди и со тоа да го зголеми легитимитетот на Судот меѓу многу земји-членки на ОН кои одбиваат да ја признаат неговата надлежност, како што се САД, Израел, Русија и Кина.