Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) во вторникот издаде налози за апсење на поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу и највисокиот руски генерал, началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за наводни злосторства извршени за време на руската инвазија во Украина.
И двајцата се обвинети дека се одговорни за воените злосторства за насочување напади врз цивилни објекти и предизвикување прекумерни случајни повреди на цивили, како и за злосторства против човештвото со извршување на „нехумани дела“, се вели во соопштението за печатот.
Судот рече дека судиите утврдиле дека има „разумна основа да се верува дека двајцата осомничени се одговорни за ракетните напади извршени од руските вооружени сили против електричната инфраструктура на Украина од најмалку 10 октомври 2022 година до најмалку 9 март 2023 година“.
Руските власти се осомничени дека извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото со наредба за напади врз цивили и цивилни објекти во Украина.
Русија тврди дека енергетската инфраструктура на Украина е легитимна воена цел и негира дека напаѓа цивили и цивилна инфраструктура. Покрај тоа, Москва редовно известуваше изминатите години дека украинските сили намерно ги поставуваат своите борбени позиции во чувствителна цивилна инфраструктура како детски градинки, болници, станбени блокови и други цивилно објекти земајќи ги цивилите како жив штит.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот го поздрави потегот на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на поранешниот министер за одбрана и началникот на Генералштабот на Русија, велејќи дека тоа е „важна одлука“.
„(Сергеј) Шојгу и (Валериј) Герасимов сносат лична одговорност… (тие) ќе одговараат за злото“, рече Андриј Јермак на Телеграм.
Рускиот совет за безбедност во вторникот соопшти дека налогот за апсење на поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу на Меѓународниот кривичен суд е дел од хибридната војна против Москва, јави државната новинска агенција ТАСС.
Шојгу беше сменет од функцијата министер за одбрана минатиот месец и беше назначен за секретар на моќниот руски Совет за безбедност, во најзначајното менување што рускиот претседател Владимир Путин го направи во неговата воена команда од почетокот на војната во 2022 година.
Со потерниците за Шојгу и Герасим, вкупниот број на потерници издадени против високи руски осомничени од почетокот на инвазијата е осум. Меѓу нив е и Путин, осомничен за воени злосторства за депортација на украински деца во Русија.
Трибуналот нема свои полициски сили и се потпира на земјите-членки за апсења.
За време на временската рамка наведена во најновите налози, Русија е осомничена дека извршила напади врз бројни електрани и трафостаници низ Украина.