Меѓусебни обвинувања меѓу UNRWA и Израел

Агенцијата на Обединетие нации за палестински бегалци (UNRWA) во понеделникот ги обвини израелските власти за тортура врз некои од вработените во агенцијата во Појасот Газа, се вели во соопштението на кое се повикува агенцијата AFP, додека Израел ја обвинува агенцијата дека вработила повеќе од 450 „терористи“.

„Некои од нашите вработени им пријавија на тимовите на UNRWA дека биле принудени да признаат под мачење и злоставвуање“ додека „ги испрашувале за односите меѓу UNRWA и Хамас, како и за вмешаност во нападот на Израел на 7-ми октомври“, наведува агенцијата којашто Израел ја обвинува дека има „повеќе од 450 терористи“ во Газа.

Израел претходно ја обвини UNRWA дека вработува персонал вклучен во нападот на Хамас на 7-ми октомври.

Портпаролот на израелската војска во понеделникот изјави дека УНРВА во Газа вработува повеќе од 450 „воени оперативци“ од Хамас и други вооружени групи и дека Израел ги споделил тие разузнавачки информации со Обединетите нации.

„Над 450 вработени во UNRWА се воени оперативци во терористичките групи во Газа. Над 450. Ова не е само случајност. Ова е систематско“, рече воениот портпарол контраадмирал Даниел Хагари на брифингот со новинарите.

„Ги испративме информациите што ги споделувам сега, како и дополнителни разузнавачки информации, до нашите меѓународни партнери, вклучително и ОН“, рече тој.