Mедали за македонски ученици на Олимпијадата во Доха

Македонски ученици освоија сребрен и бронзен медал на 16. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (физика, хемија и биологија) што се одржа во Катар од 3 до 12 декември.

Во конкуренција меѓу 400 учесници од 70 земји, сребрен медал освоија  Никола Спировски, деветтоодделенец во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје и Мајкл Георгиевски, прва година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, кој за време на државните натпревари оваа пролет беше основец во кавадаречкото ООУ „Гоце Делчев“.

Бронзен медал освоија Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Григор Прличев“  во Охрид, Стефан Дрмач, прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, кој на државните натпревари беше основец во „Песталоци“, и Матеј Гелев, ученик во осмо одделение во ООУ „Блаже Конески“ во Велес.

Во тимот од шест најдобри ученици по природни науки во земјава беше и Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе, која беше деветтоодделенка во ООУ „Гоце Делчев“ за време на домашните натпревари.

– Ова е досега најголем успех на екипа од Македонија на меѓународен престижен натпревар, вели проф. д-р Боце Митревски, еден од водачите на македонскиот тим во Доха, координатор за IJSO и поранешен претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија.

До учеството на Олимпијадата во катарската престолнина, шесте македонски ученици ги поминаа општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, во периодот од февруари до мај 2019 година.

Шеесет и пет ученици што покажале најдобри резултати на државните натпревари во основните училишта беа поканети да учествуваат на Првиот селекциски натпревар за Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки 2019. На натпреварот учествувале 38 ученици од кои 14 ученици се пласирале за Вториот селекциски натпревар на кој се избрани шестемина ученици да ја претставуваат земјава на Олимпијадата во Доха.

Учениците беа подготвувани на Природно-математичкиот факултет во Скопје, од септември до крајот на ноември 2019 година. Покрај Боце Митревски, водачи на тимот беа и Марина Стојановска и Лозенка Иванова, сите вработени на ПМФ.

Митревски им се заблагодари на општините кои помоигнале, на Фондот за иновации и технолошки развој за обезбедените авионски билети и на Агенцијата за млади и спорт кои поддржаа тројца учесници и се надева, како што вели, дека тие ќе го променат својот правилник за поддршка на млади таленти.

-Тие ученици имаат потреба од лаборатории, опрема за изведување вежби и мерења, потрошен материјал за тие лаборатории, наставници кои континуирано посетуваат обуки, пари за котизација, авионски билети, солидна подготовка за меѓународни натпревари. Едноставно разбирање, поддршка и помош, наведува Митревски.

Следната, 17. јуниорска олимпијада по природни науки ќе се одржи во Франкфурт во декември 2020 година.