Медицинските сестри изоставени од тимовите добитници на наградата „13 Ноември“

Унијата на ЗМСТАС (Здружение на Медицински сестри, Техничари, Акушерки и Стоматолошки сестри) предводена од здружението „За нас“ апелира медицинските сестри да не бидат изоставени од здравствените тимови, особено од оние кои се наградувани, како во случајот со добитниците на наградата „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје.

Од областа на здравствената заштита годинава наградата ја добија тимот на доктори кои ја извршија првата трансплантација на срце во земјата, како и епидемиологот Жарко Караџовски.

Ние сме горди на сите колеги од тимовите, сите успеси се и наши успеси но, не можеме да го премолчиме фактот дека често се заборава дека во здравствените тимови спаѓаат и медицинските сестри. Впрочем ние сме и носители на здравствените тимови, најважната алка во целиот здравствен систем.

Ја прашуваме комисијата која за награда го одбрала тимот кој ја извршил првата трансплатација на срце, каде се медицинските сестрите на списокот? Зарем тимот го сочинуваат само докторите? Инсистираме медицинските сестри да бидат достојно прикажани како што и заслужуваат“, се порачува во соопштението.

Во продолжение се наведува и листата на медицински сестри кои биле дел од тимот што го извршил наградениот зафат:

мед.тех. Слаѓана Гроздановска,
мед.тех. Јелена Жарковиќ,
дип.мед.тех Имран Елези,
мед.тех. Мартина Караѓоска
и мед.тех. Кристина Николовска – инструментарки од УК за Државна Кардиохирургија;
мед.тех. Магдалена Станчева
и мед.тех. Анита Колевска – анестетичарки од УК за Државна Кардиохирургија;
мед.тех Александра Темелковска,
мед.тех. Бранко Чочек,
и мед.тех. Игор Каевски – перфузионисти од ЕКЦ тимот на Жан Митрев Клиник;
дип.мед.тех Катерина Ристовска
и дип.мед.тех. Александра Ристовска Тунев – инструментарки од Жан Митрев Клиник;
и дип.мед.тех. Весна Наумовска – анестетичарка од Жан Митрев Клиник.

Медицинските техничарии порачуваат дека покрај толку јавни епитети за нивната работа, особено во екот на корона-кризата, како: островот на спасот, херои, промотори на здравјето, здравствени воспитувачи… недолично е се уште да бидат на маргините и да се злоупотребува нивната трпеливост.