Медиуми: Маск размислува за начин да го собори британскиот премиер Стармер пред изборите

Милијардерот Илон Маск одржа приватни разговори со сојузниците за можните начини за соборување на британскиот премиер Кир Стармер пред следните општи избори, објави во четвртокот Financial Times.

Маск, најбогатиот човек на светот и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, минатиот месец ја поддржа германската евроскептичната и антиимигрантска партија Алернатива за Германија (AfD) пред изборите закажани за февруари и постојано ја коментира британската политика, барајќи оставка од лабуристичкиот премиерот Кир Стармер.

Маск размислувал како тој и неговите сојузници би можеле да ја дестабилизираат лабуристичката влада и побарал информации за градење поддршка за алтернативните британски политички движења за да се урне владата, се вели во извештајот на весникот, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање, пренесува Reuters.

Маск не одговорил на барањето на Reuters за коментар.

„Неговиот став е дека самата западна цивилизација е под закана“, изјавил еден извор за весникот.

Маск претходно го обвини Стармер дека не ги процесуирал и гонeл групите мажи кои силувале млади девојки додека Стармер бил главен обвинител во Обединетото Кралство меѓу 2008 и 2013 година.

Маск треба да биде домаќин на лидерката на партијата Алтернатива за Германија (AfD), Алиса Вајдел во интервју во живо на Х во четврток. Најавено е дека ќе разговараат за слободата на говорот и други теми по поддршката на технолошкиот милијардер за германската крајнодесничарска партија на претстојните општи избори во Германија, пренесе dpa.

Германската партија поддржана од Маск е означена како десничарска и екстремистичка од германските безбедносни служби, во хајката против неа откако од пред една година стана втората по јачина партија, и водечка во источните сојузни покраини.

Кампањата на извршниот директор на „Tesla“ во полза на AfD, во комбинација со навреди кон врвни германски политичари, со седмици се извор на контроверзии. Критичарите го обвинуваат дека го искористил својот огромен дострел за да влијае на исходот од изборите во Германија на 23 февруари. Пораките на Маск на X допираат до повеќе од 210 милиони корисници ширум светот.

Претходно оваа седмица, норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере изрази загриженост за мешањето на Маск во политиката на другите земји.