Медиуми: Влезот во ЕУ е врзан со услови со кои се бараат важни реформи за балканските земји

На Европската унија ѝ се потребни нови опции за земјите од западен Балкан, анализира швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung (NZZ), според кој политичката интеграција треба да се замени со економска.

Наместо фикцијата на проширувањето, самитот ЕУ-западен Балкан нуди шанса да се најдат нови патишта за приближувањето на земјите од регионот, оценува швајцарскиот весник во текстот на Андреас Ернст.

„Веќе и не може поинаку да се каже: Односите меѓу ЕУ и шесте земји од западниот Балкан станаа длабоко неискрени. Главната вина за тоа ја сноси ЕУ. На двете страни им е со години јасно дека нема да има проширување на ЕУ на Балканот. Сепак, и земјите-членки и Европската комисија цврсто се држат до празната реторика ’за европска перспектива’ и ’заеднички вредности’.

Последна беше претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, која за време на блиц-посетата на регионот ги повтори сите флоскули од кои граѓаните во регионот се веќе уморни“, пишува NZZ.

Новиот модел постои

Сѐ упатува на тоа, наведува понатаму весникот, дека и овој самит ЕУ-Западен Балкан ќе продолжи во духот на „терај понатаму“.

„ЕУ најавува дека сака со инвестициски план од 9 милијарди евра да ја направи економијата во регионот поддржлива и дигитална, да ги подобри сообраќајните врски и со тоа да поттикне директни инвестиции. Тоа ќе донесе, тука и таму, по нешто, но нема да го смени трендот. Како ни стратегијата на Брисел и Берлин, преку регионална економска соработка да се подигне растот и да се надминат билатералните проблеми на државите наследнички на Југославија. Секако дека е потребно соседните држави да ги надминат недоразбирањата кои го спречуваат регионалниот пазар. Но шест сиромашни држави на тој начин нема да станат богат регион.“

NZZ sпоредува дека БДП на шесте држави со нивните 17 милиони жители е помал дури и од оној на Словачка со 5,5 милиони жители, додека по глава на жител е меѓу 20 и 40 отсто од просекот во Германија.

„Процесот на доближување не е ни започнат. И тоа е познато веќе одамна. И исто толку долго како излез од оваа ситуација економистите препорачуваат врзување за ЕУ и пристап до буџетот на ЕУ. Последната таква препорака доаѓа од една сеопфатна студија на Виенскиот Институт за меѓународни економски студии и на Фондацијата Бертелсман. Но, за тоа да стане можно, мора најпрво да се напушти фикцијата за полноправно членство. А од овој Момент на вистината (што сите го знаат) некој се плаши. Веројатно, затоа што Брисел и земјите-членки веруваат дека ќе го загубат влијанието во регионот?“.

„Со пристапот до Европската економска зона, ЕУ веќе има модел кој може да им го понуди на балканските земји. Влезот е врзан со услови со кои се бараат важни реформи. Но овие пречки се надминливи- за разлика од оние за членство во ЕУ. Говорите за ’европската перспектива’ така можат да добијат суштина“, заклучува NZZ.