Во малиот приватен авион од моделот „Cessna 551“ кој во неделата вечерта се урнал во Балтичкото Море имало шест лица, пренесува латвиската новинска агенција LETA, откако претходно германскиот весник Bild објави за четворица патници.
„Според актуелните информации, во авионот се наоѓале шест лица“, наведува латвиската агенција, а шведската јавна телевизија SVT сѐ уште оперира со податокот за четворица патници, од кои едно дете.
Како што претходно беше објавено авионот регистриран во Австрија, кој полетал попладнето во неделата од јужниот шпански град Херез без наведена крајна дестинација, во текот на летот двапати го менувал правецот и ја загубил комуникацијата, поради што бил следен од борбени авиони на НАТО.
Кога авионот не слетал во Келн, како што наводно било планирано, туку продолжил кон север и шпанските и француските борбени авиони биле упатени да остварат визуелен контакт и да утврдат кој управува со авионот. Но пилотите не можеле да видат никого во кокпитот или во внатрешноста на леталото.
Откако го менувал курсот над француската престолнина Париз и над германски Келн, авионот се упатил директно преку Балтикот, прелетувајќи го шведскиот остров Готланд. Во 19,37 часот по средноевропско време брзо започнал да ја губи височината и брзината.
Во меѓувреме латвискиот министер за одбрана Артис Пабрикс за агенцијата LETA изјавил дека разговарала за инцидентот со министерот за внатрешни работи Кристапс Еклонс, како и дека латвиски спасувачки брод бил испратен на претпоставеното место на уривањето, иако сѐ уште не е утврдена точната позиција на падот.
Авионот исчезнал од радарите во 19,45 часот по средноевропско време во неделата и се урнал северозападно од латвискиот град Вентспилс. Биле направени пресметки за количеството на гориво и колку можело тоа да трае во авионот, а првично се претпоставувало дека ќе се урне во близина на Готланд.
„Несреќата беше само прашање на време, го следевме авионот“, изјавил за SVT Јохан Ахлин од шведскиот Центар за поморско и воздушно спасување.
Во моментов сѐ уште е во тек операцијата на потрага и спасување на пошироката локација на којашто се смета дека авионот се урнал. Вклучени се и хеликоптер на Шведската поморска управа и авион на крајбрежната стража, а траект кој пловел во близината бил пренасочен кој локацијата.
Шведската телевизија објави аудио-снимка на контролата на летањето која се обидува да стапи во контакт со екипажот на авионот кога тој бил веќе на височина од 600 метри надморска височина, кога била објавен воздушна тревога.
Шведската телевизија претходно објави дека авионот „Cessna 551“ полетал од јужна Шпанија околу 15 часот по средноевропско време. Од 15,30 часот одржувал височина од околу 11.000 метри и брзина од околу 670 километри на час. Во 17,20 часот на голема надморска височина го прелетал Готланд а пота се упатил во североисточен правец преку Балтичкото Море. Во 19,30 часот авионот почнал да забавува и да ја губи височината.
Шведските агенции за потрага и спасување објавија дека во морето лоцирале мали парчиња остатоци и нафтени дамки, што со голема веројатност укажуваат дека авионот паднал во водата, изјавил Јохан Валстром, портпаролот на шведската поморска управа.
Причините за речиси извесното уривање на авионот засега само се претпоставуваат. Германски Bild, повикувајќи се на сопствени извори, објави дека авионот имал проблеми да го задржи притисокот во кабината уште при полетувањето. Контролата на летот, според истите извори, го загубила контактот со авионот уште кога бил над Франција.
Според стручњаци интервјуирани во германските и шведските медиуми, многу е можно авионот да претрпел пад на притисокот во кабината и оти патниците и екипажот паднале поради тоа во бесознание.
„Она што го знаеме е дека авионот летал на многу голема височина, приближно 11.000 метри, а воздушниот притисок на таа височина е многу низок. Ако притоа се доживеа пад на притисокот во кабината, може да се падне во несвест, постепено или многу брзо. Има многу малку време за реагирање“, изјавил за SVT Ханс Кјел, експерт за воздухопловна безбедност во Нордиската групација за анализа на безбедноста (NSAG).
Додал дека моделот „Cessna 551“ не е опремен со ткн „црни кутии“ кои го снимаат текот на летот и разговорите на екипажот во кокпитот и неговата комуникација со контролата на летот, и оценува дека истрагата за несреќата ќе трае долго „можеби една година или повеќе“.