Медиумите јавуваат за жртви во пукање во црква во Тексас, властите не потврдуваат

Портпаролот на противпожарната управа во градот Форт Ворт во сојузната држава Тексас, Мајк Дривдал, не ги потврдува информациите на медиумите за жртви во пукањето во црква во населбата Вајт Сетлмент во округот Тарант, пренесе телевизијата CNN.

Притоа Дривдал не прецизирал точно каде се случило пукањето, во или надвор од црквата. Истакнал дека не се познати и мотивите на напаѓачот и оти „истрагата е во раната фаза“.

Претходно во неделата локалните медиуми јавија дека утрото околу 10 часот по локално време, во пукањето во црквата во Вајт Сетлмент, предградие на Форт Ворт, има најмалку двајца убиени. Според телевиската станица FOX 10 Phoenix, наводно напаѓачот е убиен од полицијата и е една од двете жртви.

Локалниот весник Dallas Morning News, повикувајќи се на претствничката на компанијата за медицинска помош „MedStar“, Макара Трасти, пренесе дека во инцидентот има двајца убиени и едно лице е рането. Според неа, еден човек загинал на самото место, додека другиот починал на пат за болницата. Третото застрелано лице било пренесено во тешка состојба.

Информации за две жртви во пукањето во христијанската црква, објави и телевизиска мрежа CBS News.

Очевидец за локалните медиуми рекол дека маж вооружен со сачмарка влегол во црквата во текот на литургијата. Бил погоден од лице кое било присутно во црквата. Пикањето било снимено, бидејќи службата била директно пренесувана на YouTube.