Медиумите откриваат како повикот на Бајден влијаел врз одлуката на Израел за напад врз Иран

Израелските министри и членови на потесниот воен кабинет, Бени Ганц и Гади Ајзенкот, двајцата поранешни началници на Генералштабот на Армијата за одбрана на Државата Израел (ЦАХАЛ – IDF), предложиле итен напад врз Иран како одговор неговите акции во саботата вечерта, но премиерот Бенјамин Нетанјаху ја отфрлил идејата поради повикот од американскиот претседател Џо Бајден, пишува порталот Axios повикувајќи се на неименувани израелски функционери.

„Набргу откако израелскиот воен кабинет беше информиран дека Иран извршил напад, министрите Бени Ганц и Гади Ајзенкот, двајцата поранешни началници на Генералштабот на ЦАХАЛ, предложија моментален одмазднички удар“, се наведува во текстот на Axios цитирајќи го неименуваниот израелски соговорник.

Според израелските функционери, Ганц и Ајзенкот, кои инаку се опозиција на Нетанјаху но влегоа во владиниот воен кабинет по нападот на Хамас од 7-ми октомври во јужен Израел, го аргументирале својот став со фактот дека колку подолго Израел чека да изведе возвратен удар, толку потешки ќе му биде да добие меѓународен легитимитет за да се одмазди. Двајцата поранешни команданти, исто така, рекле дека итна израелска реакција ќе го спречи Иран да изведе нов удар.

Премиерот Нетанхају и другите членови на воениот кабинет, како што рекле функционерите, се спротиставиле на таа идеја, во прв ред затоа што во тоа време сѐ не било јасно дали иранскиот напад предизвикал штети или жртви. Нетанјаху, исто така, сакал да почека додека телефонски не се слушне со американскиот претседател Бајден, рекол еден од израелските соговорници.

„Имаше неколку варијанти за одмазда, но повикот ги спречи (Нетанјаху). Тој воз замина, а сега можеме да земеме здив и уште еднаш да размислиме“, рекол еден од соговорниците на Axios.

Како што соопшти во неделата Белата куќа, Бајден му рекол на Нетанјаху дека САД нема да учествуваат во каква и да е израелски одмазнички удар против Иран. Во изјавата објавена доцна во саботата по нападот, Бајден рече дека му рекол на Нетанјаху дека Израел „покажал извонредна способност да се брани и да порази дури и напад без преседан“. Бајден тогаш не кажа во изјавата дали тој и Нетанјаху разговарале за можен израелски одговор или потенцијална вмешаност на САД.

САД не сакаат ниту „ескалација“ ниту „поширока војна со Иран“, изјави во неделата портпаролот на Белата куќа.

„Претседателот Џо Бајден беше јасен: не сакаме ескалација. Не сакаме поширока војна со Иран. Мислам дека часовите и деновите што претстојат ќе ни кажат многу. Јасно им ставивме до знаење на сите страни, вклучително и на Иран, што ќе правиме (…) и колку сериозно ќе ја сфатиме секоја закана за нашиот персонал“ распореден на Блискиот исток, изјави Џон Кирби за телевизиската мрежа NBC News.

Кирби додаде дека САД „ќе останат будни и претпазливи“ во врска со какви и да се ирански закани против американските војници.

Елитните сили на иранската армија Гардата на исламската револуција (IRCG) доцна вечерта во саботата објави дека започнала со напад врз израелска територија, како одмазда за израелското ракетирање на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск на 1-ви април. Во одмаздничкиот ирански напад, според разни извори, биле користени меѓу 300 и 350 беспилотни летала, вклучително и дроновите-камиказе „Shahed“, крстосувачки и балистички проектили, од кои според Израел „90 отсто биле соборени“ од силите на Израел, САД, Велика Британија и Јордан.

Израелските одбранбени сили соопштија дека нивните вооружени сили се во состојба на готовност. Пентагон соопшти дека ќе го поддржи Израел, а мисијата на Иран во ОН тоа го нарече конфликт меѓу Иран и Израел, повикувајќи го Вашингтон „да се држи настрана“ истакнувајќи и дека одмаздата за нападот во Дамаск е исполнета.

Израелските воздухопловни сили ја нападнаа зградата на иранскиот генерален конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април. Според IRCG, загинале седум офицери на корпусот, меѓу кои и двајца високи генерални советници: Мохамад Реза Захеди, командант на силите Кудс на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, и неговиот заменик, бригадниот генерал Мохамад Хади Хаџи Рахими. Техеран соопшти дека го задржува правото да одговори.