Медиумската писменост мора да се вметне во образованието

Секојдневно сме „бомбардирани“ од дезинформации, лажни вести или полувистини. Популацијата на возраст од 15 до 34 години речиси никогаш не ги проверува информациите што ќе ги прочита на интернет просторот, а лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се инкорпорира во наставниот процес од најрана возраст. Ова се дел од заклучоците на јавната дискусија на тема „Вклучување на медиумската писменост во образованието“.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски рече дека во Македонија над 60 проценти од граѓаните што се на возраст меѓу 15 и 34 години интензивно се информираат преку Интернет.
– Од оваа популација, 17 проценти кога се информираат преку социјалните мрежи и медиуми, никогаш не ги проверуваат информациите што ги добиваат, 27 проценти ретко, додека 39 отсто понекогаш. Вкупно 83 проценти од оваа популација кога е на Интернет и кога се информира, не обрнува внимание на содржината или не сака да провери дали е точна или не. Не навлегува во содржината или фактите или аргументациите, рече Поповски.
Според него, има недоволна проверка на информации, незаинтересираност, немање желба, непрепознавање на аргументите, фактите на сето она што не „бомбардира“ секојдневно и мора да се најде начин како да им се помогне на граѓаните да ја детектираат и подобро да ја препознаат оваа појава.
– Македонија се наоѓа на дното од 34 земји во препознавањето на лажните вести и дезинформациите. Ние сме убедливо последни, пред нас е Турција, па потоа е Албанија, БиХ, Црна Гора, Бугарија. Нашиот проблем е драматичен, но регионот исто така има проблем, рече Поповски.
Тој посочи и дека лажните вести ги оценуваат како современо оружје за масовно уништување тие го таргетираат секого, секоја индивидуа, семејство, група на луѓе и тие се глобален проблем.

-Не е коректно да ги обвиниме само медиумите и новинарите. Напротив можеби тие се најмалку виновни. Лажни вести и дезинформации шири кој ќе стигне. Политичари, политички партии и субјекти, центри на моќ, бизнис сектор, секакви други структури во општеството. Нема место од каде што нема извор на лажни информации. Сето тоа предизвикува еден хаос и комплетна недоверба на граѓаните дури и во себе, а пред се во институциите, истакна Поповски.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека Владата ќе преземе конкретни чекори за медиумската писменост, бидејќи е значајно да се креираат индивидуи уште од најмали нозе кои ќе направат дистинкција помеѓу тоа што е лажна вест и вистинска вест.

Тој смета дека има потреба конкретно да се стави фокус и во основно и во средно образование да има содржини или, пак, посебен предмет посветен на медиумската писменост.
Феручо Бого, политички советник во Делегацијата на Европската комисија во Скопје, рече дека медиумската писменост значи да се биде способен за разпознавање на лажни вести, и тоа налага одговорна дебата, плурализам на мислење, критичко мислење. Според него, медиумската писменост за младата популација значи да се препознае дезинформацијата, лажни факти или скриени мотиви. Тие, рече Бого, мора да се научат да се изразуваат на одговорен начин, почитување на различни ставови и почитување на приватноста.
– Поради овие причини медиумската писменост без сомнение треба да стане дел од наставната програма. ЕУ ги поддржува сите активности на власта за оваа цел. Активности кои ќе придонесат за младите да бидат активни и критички да ги примаат информациите, наместо да се само конзументи. За да има резултати овој процес бара и соодветна обука на наставниците“, рече Бого.