Медиумската писменот е неопходно да се воведе во образовниот систем

Демократските општества денес се на удар од злоупотреба на податоци и од лажни вести. Тие дури и се сметаат за ново оружје за масовно уништување и граѓаните тешко ги препознаваат дезинформациите. Оттука најголемиот предизвик за општествата е како да се справат со злоупотребите, без притоа да ја загрозат слободата на изразување. Поради тоа медиумската пименост треба да биде дел од наставниот процес но и активност на целото општество.

Во земјава популацијата на возраст од 15 до 34 години речиси никогаш не ги проверува информациите што ќе ги прочита на интернет просторот, а лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се интегрира во наставниот процес од најрана возраст.

Додека во речиси сите европски земји, но и во земјите од регионот, медиумската писменост е составен  дел од наставата и е воведена како посебен предмет, кај нас последните обиди да се направи нешто околу ова прашање се од 2008 година. Владата летово подготви предлог акциски план во борбата против дезинформациите, лажните вести и нападите против демократијата, што е отворен за поширока јавна дискусија.

Македонија во 2016 година стана „позната” по лажните вести, кога беше откриено дека голем број лажни страници и профили, кои беа управувани од млади лица од градот Велес, ширеа дезинформации во САД за време на претседателските избори.

Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на панелот „Вклучување на МП во образованието – домашни, регионални и европски искуства”, вели дека постои волја медиумската писменост да се воведе во образованието. За неа тоа е комплексен процес и за сите реформи потребно е време, но треба да се истрасира патот за да се најде најсоодветниот модел за вклучување на медиумската писменост во образованието.

Таа вели дека постојат два начина, медиумската писменост да се воведе како посебен или како изборен предмет. – Забелешките за првиот модел се дека вообичаено ја обременува наставната програма. Другиот проблем е ако се вклучи како изборен предмет, ризикот е дека не толку голем број ученици би биле заинтересирани да го изберат, вели таа.

Божена Јелушиќ професорка по книжевност и медиумска писменост во Црна Гора рече дека предметот медиумска писменост во Црна Гора е воведен уште во 2007 година, кога е направена програмата и кога е одобрена од Педагошкиот совет и од Националниот совет за образование.

– Црна Гора уште во 2000 година ја започна реформата на образованието и тогаш во системот на изборни предмети можевме да го понудиме овој предмет. Таа година УНЕСКО ја усвои Париската агенда за медиумска писменост. Но, во меѓувреме бројот на ученици што го избираа овој предмет се намали на половина поради тоа што на училиштата беше оставено да нудат листа на изборни предмети и тие не ја нудеа според желбата на учениците, туку според нормата на часови. И ако на некој наставник му недостасуваа два или три часа, тогаш не се нудеше медиумската писменост, туку се нудеа здрави стилови на живот, музика, што било, само за да се пополни нормата, истакна Јелушиќ.

Во меѓувреме, рече, во Црна Гора, Заводот за школство одржувал редовни обуки за медиумска писменост за наставниците, за кои имало огромна заинтересираност. Истакна дека во план е да понудат две програми: класична медиумска писменост, и т.н. нова медиумска писменост за партиципативна демократија, која во прв ред ќе се занимава со лажни вести, прашања за безбедност, социјални мрежи…

– Се смета дека во училиштата на иднината ќе има само четири предмети – критичко мислење, комуникација, способност за промена и креативност. Ние денес ги гушиме учениците со 14 или 15 предмети, каде го меморираат градивото кое можат да го најдат на Интернет, со тоа нивната меморија веќе е ослабена, а Финска веќе размислува како да ги реконструира предметите, со цел да добие подобар стандард на знаење. И тоа покажува и кај нас, и кај вас и во целиот регион, дека нашите ученици всушност не научија како се учи!, вели Јелушиќ.

Смета дека наставниците се најконзервативната гранка на општеството, бидејќи се уверени дека се мали богови, и дека она што тие го знаат е само тоа точно и вистинито и дека секое дете мора да го помине нивниот пат за да стигне некаде. – Тоа не е точно, не треба да го помине нивниот пат!, децидна е црногорската професорка.

– Ви препорачувам да го зграпчите моментот на внатрешна и секоја друга поддршка за овој концепт. Да се воведе предметот медиумска писменост во задолжителниот курикулум, во сите средни училишта, не само во гимназиите бидејќи тоа не е знаење на елитата, тоа припаѓа на сите. Ако е изборен предмет тогаш школите мора да се обврзат секогаш да го понудат. Еден од начините секогаш да го понудат е ако тој предмет учествува во матурскиот стандард, препорачува Јелушиќ.

Наведе дека во Србија во основните училишта се нудат шест програми во секое одделение, еден од нив е „Јазик, медиуми и култура”, во кој се обработуваат разни теми еден час неделно, почнувајќи од пристап на жанрови, ријалити, нивната појава итн, при што наставникот е само медијатор на знаењето. Додаде дека и српското Министерство за култура и информирање се изборило во Законот да стои дека медиумската писменост треба да се развива низ системот за образование. Во моментот, рече таа, тие работат на Прирачник за медиумска писменост, со УНЕСКО и 30 експерти, а во тоа учествуваат министерства и работни тела.

– Низ медиумската писменост треба да се зголеми способноста на учениците критички да размислуваат. Медиумската писменост всушност е демократска педагогија и поради тоа е активна и партиципативна наставата за овој предмет, како еден вид семе кое може да се облагороди, вели Јелушиќ.

Истакна дека на сите ученици на кои им предавала медиумска писменост се многу поуспешни на факултет, не затоа што, како што рече, ги вооружила со факти, туку затоа што тие критички размислувале. Нејзина препорака е токму затоа треба да се научат младите критички да ги користат алатките на социјалните медуми, да препознаваат скриена пропаганда на информативни емисии на телевизии, која може да роди национализам и екстремизам, да наоѓаат примери, за тоа да разговараат.

Блага Панева, советничка во Бирото за развој на образованието, вели дека во изминатите години се правеле напори, делумно успешни, медиумската писменост да биде дел од образовниот систем. Сепак, нејзиното присуство е условено од реформите, а секоја реформа произлегува од анализа.

– Бирото направи анализа на 40 наставни програми по сите наставни предмети во основното, гимназиското и општообразовните предмети во стручното образование, и по сумираните информации за опфатот на содржини во кои има елементи поврзани со медиуми и медиумска култура е констатирано дека содржини со мал обем за медиумите и медиуската култура се опфатени во наставните предмети во различни степени на образованието и тоа почнувајќи од прво одделение во основото училиште до четврта година во средно образование, додаде таа.

– Од анализирание 21 наставна програма заклучено е дека во наставните програми по македонски, албански, турски, српски и босански, се користи терминот медиумска култура. Медиумската култура е едно од програмските подрачја со определен фонд часови годишно или вкупно 100 часа од прво до деветто одделение, вели Панева.

Според неа треба да има функционален пристап за медиумска култура и медиумска писменост, да се создадат услови за воведување содржини од медиумска писменост од најрана возраст. При тоа да се земат предвид меѓународните искуства преку дебати, анализи и анкети со наставниот кадар.