„Тие разбираат дека ако заканата за Русија ја надмине утврдената опасна граница, ние ќе мора да одговориме. Без да побараме ничија дозвола, без долги консултации. Ова дефинитивно не е блеф“, порача Медведев, нарекувајќи ја британската премиерка Лиз Трас „лондонската тетка“, која „е целосно подготвена веднаш да почне размена на нуклеарни напади“ со Русија.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев рече дека „Русија има право да користи нуклеарно оружје доколку е потребно“. На својот канал на Телеграм тој напиша дека Москва нема да дозволи „непријателските соседи“ да имаат такво оружје.
„Темата последниве денови е руската нуклеарна закана.
Бајден и Трас, разни секундарни блинкенци и саливанци, прскајќи ја атлантската плунка, бараат Русија да ја тргне раката од своето „нуклеарно копче“. Заедно, тие постојано ни се закануваат со ‘застрашувачки’ последици доколку Русија употреби нуклеарно оружје. А тетката од Лондон, млада по ум, е целосно подготвена веднаш да почне размена на нуклеарни напади со нашата земја.
Морам повторно да ве потсетам – за оние глувите што се слушаат само себеси. Русија има право да користи нуклеарно оружје доколку е потребно. Во однапред одредени случаи. Во строга согласност со Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање. Ако ние или нашите сојузници бидеме нападнати со користење на овој тип оружје. Или ако агресијата со употреба на конвенционално оружје го загрозува самото постоење на нашата држава“, напиша Медведев.
„Покрај тоа, ќе направиме сѐ за да спречиме појава на нуклеарно оружје кај нашите непријателски соседи. На пример, во нацистичка Украина, која денес е директно контролирана од земјите на НАТО.
Бесмислено е да се смета на разумот и политичката волја на режимот во Киев. Но сè уште постои кревка надеж за здрав разум и чувство за самоопстанок кај непријателските земји што им простуваат сѐ. Тие разбираат дека ако заканата за Русија ја надмине утврдената опасна граница, ние ќе мора да одговориме.
Без да побараме ничија дозвола, без долги консултации. И ова дефинитивно не е блеф“, порача Медведев.
Вчера, пак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите рече дека „контактите меѓу Москва и Вашингтон околу нуклеарното оружје се на соодветно, иако повремено ниво“.
Претходно американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Вашингтон е во постојан контакт со Москва поради изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за нуклеарното оружје.