Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев порача во неделата дека доколку земјите од групата Г7 седумте индустриски најразвиени земји во светот целосно го забранат извозот во Русија со закани со санкции за земјите кои не се придржуваат до тоа, Москва дефинитивно ќе одговори со раскинување на извозот на житарките од Украина преку црноморските пристаништа.
Земјите од Г7 – САД, Велика Британија, Јапонија, Канада, Германија, Франција и Италија разгледуваат целосна забрана на извоз во Русија, откако досегашните десетици кругови санкции не резултираат со посакуваното намалување на способноста на руската војска во нападите во Украина или крахирање на руската економија. Оваа информација која засега не е официјално потврдена, минатата седмица ја објави јапонската новинска агенција Кyodo повикувајќи се на извори од јапонската влада.
Русија повеќепати предупредуваше дека ќе се откаже од договорот за извозот на житарките постигнат со посредство на Турција и Обединетите нации, бидејќи постојниот истекува на 18-ти мај.
„Таквата идеја на идиотите од Г7 за целосна забрана на извозот во нашата земај е убава, бидејќи имплицира реципрочна забрана на увозот од нашата земја вклучително и на категоријата стоки кои се најчувствителни за Г7. Во тој случај за нив ќе престане и работата со житарките – и многу други нешта коишто им се потребни“, наведува Медведев во објавата на апликацијата Telegram.
Во моментов Медведев е заменик на претседателот Владимир Путин во рускиот Совет за национална безбедност и ја води владината комисија за развој на воената индустрија.
Москва повеќепати забележуваше дека повеќе од 80 отсто од украинското жито, наместо како што беше ветено да биде извезувано во сиромашните земји во Африка и Азија, завршува на западните пазари. Исто така, се закани дека нема да го продолжи договорот, доколку и натаму Западот ги блокира во европските пристаништа руските земјоделски производи и вештачки ѓубрива, за кои рече дека ќе ги отстапи бесплатно на сиромашните земји.
Г7 во неделата повика на „продолжување на, целосно спроведување и проширување“ на договорот за извозот на украинските житарки преку Црното Море, известија во заедничко соопштение министрите за земјоделие на земјите членки. Апелот на Г7 доаѓа во периодот кога земјите сосетки на Украина, поради соборувањето на цените на производите на нивните земјоделци, го забранија увозот, а во некои случи и транзитот на украинските житарки и други прехранбени продукти.
Според јапонските владини извори, во Г7 наводно размислуваат да направат пресврт во својата стратегија на санкции, така што извозот во Русија автоматски ќе биде забранет, освен во случај на стоките кои се вклучени во списокот производи кои смеат да се испраќаат во Русија. Според сегашната рамка на западните санкции, стоките не смеат да ѝ се продаваат на Русија, освен доколку експлицитно не е наведена на „црната листа“.