Медведев: Русија ќе ги уништи центрите на одлучување при напад на нејзината територија

Русија ќе зададе смртоносни удари врз центрите на одлучување доколку Киев го употреби новото оружје добиено од САД за напади врз нејзината територија, предупреди заменикот-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев во синоќешното интервју за катарската телевизија Al Jazeera.

„Доколку овие видови оружје бидат употребени за напади на руска територија, вооружените сили на нашата земја нема да имаат друг избор освен да дејствуваат за да ги уништат центрите на одлучување“, рече Медведев.

Посочи дека јасно е оти се работи за центрите, како што се министерството за одбрана, генералштабот и слични институции цо Киев.

„Но треба да се сфати дека крајните центри за одлучување во овој случај, за жал, не се наоѓаат на територијата на Киев. Затоа, секако, тоа претставува закана што ќе треба да се земе предвид“, додаде Медведев.

Според него, Москва веќе предупреди на промената на ставот на Вашингтон за испорака на модерни оружени системи со долг дострел кои може да досегнат цели во Русија, и покрај уверувањето на американските функционери дека добиле уверување од Киев дека новите ракетни системи нема да бидат користени за тоа, а што би довело до ескалација на војната.

„Првични претседателот (на САД, Џо) Бајден рече дека нема да испорачуваат повеќекратни ракетни системи, особено со продолжен дострел, а потоа оваа позиција беше променета и беше објавени дека одредени типови, како што се HIMARS ќе бидат испорачани“ на Киев, додаде поранешниот руски премиер и претседател.

Иако, според Медведев, споменатите ракетни системи немаа толкав дострел како некои други системи, но сепак претставуваат „очигледна закана“ за Русија.

Ракетниот артилериски систем со висока мобилност „M142“ (HIMARS) е оружје што Киев долго го бараше, а американската страна наведува дека ѝ е потребно за „попрецизни удари“ врз руските единици од поголема оддалеченост. САД досега одбиваа да ѝ испорачаат на Украина артилериски и ракетни системи, стравувајќи дека ќе бидат употребени за напади врз цели на територијата на Русија што ќе предизвика уште поголема ескалација на судирот,

Меѓутоа, американскиот претседaтел Џо Бајден во написот во вторникот The New York Times објави дека „смртоносната помош ќе ја зајакне преговарачката позиција на Киев против Москва и ќе направи веројатно изнаоѓање дипломатско решение“. Бајден притоа потврди дека САД на Украина ќе ѝ ги испорачаат напредните ракетни системи.

САД наводно се согласиле да ѝ испорачаат на Украина прецизно наведувани ракети, коишто можат да гаѓаат цели до 70 километри, дури откако добил гаранции дека оружјето нема да биде користено за напади врз Русија.

„Американците тоа го условуваат со тоа што тие системи ќе се користат само на територијата на Украина, но од очигледни причини не го контролираат целосно тие одлуки, во секој случај, кои ги применуваат и усвојуваат украинските власти. Затоа ова, безусловно, на оваа закана ние мора да одговориме“, заклучи Медведев.