Русија никогаш не го гарантирала територијалниот интегритет на Украина и затоа не може да се зборува за прекршување на меѓународните договори, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев, пренесува МИА.
Коментирајќи го меморандумот од Будимпешта, на кој западните земји често пати се повикуваат во врска со кризата во Украина, Медведев нагласи дека гаранциите на Русија се однесуваат на ситуации, во кои суверенитетот на Украина е под закана однадвор.
„Гаранции за територијалниот интегритет на една држава може да даде единствено самата држава, нејзиниот народ и нејзините власти“, рече Медведев.
Рускиот премиер додаде дека Москва е подготвена да го разгледа со Украина графиконот за исплаќање на нејзините долгови, доколку Киев е подготвен да ги исплати долговите.
Медведев ги повика европските држави да „седнат и да пресметаат“ од каде им е поповолно да увезуваат природен гас.
Според него американскиот гас би ги чинел Европејците 40 до 50 проценти поскапо.