
Поради учеството на Западот во уништувањето на руските гасоводи Северен тек 1 и 2, Русија нема причина да се воздржи од уништувањето на подводните комуникациски кабелски врски, објави во средата заменикот на членикот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
Ланскиот септември во две експлозии во Балтичкото Море беа уништени четирите цевководи од руските гасоводи Северен тек 1 и 2, со кои се транспортираше евтиниот руски гас во Германија, односно Европа. Германија, Данска и Шведска спроведоа одделни истраги кои посочуваат на диверзија, но не го објавуваат извршителот. Наградуваниот американски истражувачки новинар Сејмур Херш објави податоци според кои во саботажата се вмешани тајните служби на САД по налог на администрацијата на претседателот Џо Бајден, искористиле вежба на НАТО во јуни 2022-ра да ги постават експлозивите под цевководите а три месеца подоцна ги активирала воената морнарица на Норвешка. По неколкумесечен молк, западните мејнстрим медиуми објавија наводни истражувања според кои диверзијата ја извршила наводна про-украинска групација која не е поврзана со Киев. Но експертите и Москва ја отфрлаат оваа теза, посочувјќи дека таква операција бара софистицирани ресурси кои ги поседуваат само малку земји во светот.
„Врз основа на докажаното соучесништво на западните земји во саботажата на Северните текови, нам не ни преостануваат никакви, дури ни морални, ограничувања да се воздржиме од од уништивање на кабелските комуникации на нашите непријатели поставени на океанското дно“, објави Медведев на платформата Telegram.
Медведев, поранешен руски претседател и премиер, кој на Западот беше доживуван како посакувана либерална алтернатива на претседателот Владимир Путин, од почетокот на руската инвазија во Украина, предничи меѓу руските функционери со своите жестоки критики на западните сојузници на властите во Киев во војната против Москва, како и со радикалните воинствени изјави и закани, па дури и со користење нуклеарно оружје доколку е загрозен суверенитетот и интегритетот на Русија.
Иако неговите закани се сметаат за претерани и им се припишува пропаганден карактер, сепак, особено западноевропските земји сметаат дека на тие изјави треба да им се пристапи со претпазливост.
Така, кон крајот на април годинава во заедничкото истражување на телевизии на нордиските земји без приложување докази се твордепе дека Русија има програма за саботажа на морските и крајбрежните електроветерници и телекомуникациските кабли во Северното Море. Во истражувањето, за кое немаше податоци кога и како било спроведено, ниту на кои показатели и документи се темели, јавните телевизии на Данска, Норвешка, Шведска и Финска тврдат дека Русија поседува флотила бродови наводно маскирани во рибарски и истражувачки пловила во Северното Море.
Тие бродови, се тврди натаму во извештајот на телевизиите, наводно пренесуваат опрема за поморски надзор и ги мапираат клучните точки за потенцијална саботажа, а BBC тогаш објави и дека британските функционери „се свесни за такви пловила и во близна на британските води“.
Дански контраразузнавачки функционер за Reuters оценил дека плановите за саботажа се подготовка во случај на целосен судир на Русија со Западот, а норвешки разузнавачи тврдат дека со програмата се управува директно од Москва, како и дека таа е „многу важна“ за Русија. Телевизиите тврдат дека наводно пресретнале руска комуникација за таканаречените „бродови сеништа“ во северните води, кои ги исклучуваат трансмитерите за да не ја откријат својата локација.
Извештајот е насочен на рускиот брод „Адмирал Владимирски“, кој е познат како океанографски брод за истражување на подморјето. Но нордиските земји тврдат дека всушност станува збор за шпионски брод. Овој брод се проближувал на крајбрежните ветерници за производство на електрична енергија, а кога новинар на помал брод му се приближил наводно бил пречекан од маскиран поединец со пушка. Тоа не е изненадување, бидејќи станува збор за стратешко научно пловило на Русија, чии објекти и поединци беа цел на саботажи од западните и украинските служби, вклучително и кревањето во воздух на двата руски гасоводи Северен тек во Балтичкото Море, токму во територијалните води на Данска и Шведска.
Бродот „Адмирал Владимирски“ бил забележан минатата 2022 година во близина на шкотскиот брег. Холандските разузнавачи во февруари годинава издадоа невообичаено предупредување за активност којашто би можела да биде индиција за подготовка за саботажа на подводна инфраструктура, во врска со присутноста на рускиот брод.