Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев со потсмев реагираше на денешната посета на неколку европски лидери на Киев, нарекувајќи ги бескорисни, и во „твит“ тој ги исмеја со некои национални стереотипи.
„Европските љубители на жаби, колбаси и шпагети сакаат да го посетуваат Киев“, напиша тој на англиски, алудирајќи на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги.
Медведев беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година, а моментно е заменик-претседател на Советот за национална безбедност. Од почетокот на руската инвазија тој на својот твитер-профил ги исмева изјавите на европските политичари.
„Посетата на лидерите нема никаква корист, напиша тој. „Тие ѝ ветија на Украина членство во ЕУ и стари хаубици, зашеметени од горилка (украински алкохолен пијалак) и патуваа со воз, како пред 100 години. Да, тоа нема да ја приближи Украина до мир. Часовникот отчукува“, порача Медведев.