Медведев закажа финале со Ѓоковиќ на УС Опен

Данил Медведев направи изненадување откако со 3-1 (7-6, 6-1, 3-6, 6-3) го совлада Карлос Алкараз и закажа финале со Новак Ѓоковиќ кој беше подобар од Бен Шелтон со 3-0 (6-3, 6-2, 7-6).

Сите очекуваа ново финале меѓу Алкараз и Ѓоковиќ, но Медведев ги расипа плановите. Одигра одличен меч, го победи Шпанецот и се пласираше во последниот меч на турнирот.

Првиот сет беше изедначен, двајцата тенисери ги добиваа своите сервиси, па тајбрејкот го решаваше победникот, во него Медвевед беше подобар со 7-3 и поведе со 1-0 во сетови. Во вториот сет Русинот беше доминантен, со два брејка дојде до 6-1 и 2-0 во сетови.

Алкараз успеа да го добие третиот сет со 6-3 и да се врати во мечот, но тоа беше се што направи. Во следниот сет Медведев беше подобар со 6-3 и го доби дуелот со 3-1 во сетови.

Русинот во финалето ќе игра против Ѓоковиќ кој без проблеми го совлада Бен Шелтон. Српскиот тенисер победи со 6-3, 6-2 и 7-6.

Ова ќе биде можност за одмазда на Новак Ѓоковиќ кој од Медведев загуби во финалето на УС Опен во 2021 година. Тогаш србинот бркаше календарски слем, но Русинот одигра маестрална партија и победи со 3-0.