Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев ги отфрли повиците на американскиот претседател Џо Бајден руските сили да се повлечат од Украина, оценувајќи дека САД сакаат пораз на Русија во украинската војна која би се распарчила потоа поради што неговата земја има право да се заштити со сите средства.
„За сите разумни сили е очигледно дека САД сакаат пораз на Русија. Желбата на САД да ја поразат Русија го става светот на работ на конфликт. Ако САД сакаат да ја поразат Русија, тогаш имаме право да се браниме со секое оружје, вклучително и нуклеарното“, објави на Telegram Медведев, кој во моментов е втор човек, по претседателот Владимир Путин, на рускиот Совет за безбедност.
Медведев притоа оценува дека грешките во политиките на Вашингтон кои го загрозуваат светскиот мир, биле предизвикани од чувството на супериорност и неказнивост.
„Ако САД престанат да му испорачуваат оружје на киевскиот режим, тогаш војната побрзо ќе заврши. Ако Русија ја заврши специјалната војна без победа, тогаш Русија ќе престане да постои, ќе биде распарчена, тоа го посакуваат“, одговори Медведев на повиците на американскиот претседател Џо Бајден од Варшава на повлекување на руските трупи од Украина.
Затоа потсети на изјавата на Путин дека „невозможно е да се победи Русија на бојното поле“ и дека со тоа е поврзана одлуката Москва да го суспендира своето учество во Договорот за стратешкото офанзивно оружје (Нов СТАРТ). Медведев притоа оцени дека тоа, сепак, е „Задоцената одлука, чијашто неминовност ја истакнував уште минатата година“.
Според Медведев, таквата одлука „којашто е поттикната од војната што ѝ ја објавија САД и другите земји од НАТО на Русија, ќе има огромен одек во светот воопшто и во Вашингтон особено“.
„Нека американските елити, кои загубија контакт со реалноста, размислат што постигнале“, истакнува Медведев обвинувајќи дека „мегаломанијата“ на политичките елити во САД ги предизвикуваат многуте војни ширум светот.
„Ќе ја набљудуваме и реакцијата на другите нуклеарни сили – членки на НАТО: Франција и Британија. Нивните стратешки нуклеарни сили, обично не беа вклучени во билансот на нуклеарни боеви глави и носачи при подготовката на договорите меѓу САД и СССР (Русија), но крајно време е да го сториме тоа“, резимира Медведев
„Досега американскиот естаблишмент досега размислуваше некако вака: ќе ве с… секаде и во сѐ, ќе го снабдуваме со огромни количества оружје режимот во Киев, ќе работиме на поразот на Русија, ќе ве ограничуваме и уништуваме, но стратешката безбедност е посебно прашање“, ја опишува Медведев сегашната ситуација меѓу САД и Русија, и според него таа не е поврзана со општиот контекст на односите меѓу двете земји и таа е „речиси света крава“.
Медведев го коментираше и говорот на американскиот претседател Џо Бајден во Варшава кој директно му се обрати на рускиот народ повторно во настојувањата да се персонализира војната во рускиот претседател Владимир Путин и да се предизвика бунт против актуелната власт во Москва.
„САД и Европа (кои изминатите осум години ја вооружуваат Украина и финансиска ја помагаат) не сакаат да ја уништат или контролираат Русија… Претседателот Путин ја избра оваа војна. Путин може да ја прекине војната со еден збор“, рече во вторникот Бајден.
„Кој е воопшто тој чуден дедо кој со загубен поглед зборува од Полска? Зошто му се обраќа на народот на друга земја во моментов кога во сопствената има доволно проблеми?“, наведува Медведев и додава „искажаните големи зборови“ за важноста на одбраната на демократијата и дека САД нема да ја нападнат Русија изгледале „нечесно и смешно“.