Деновиве разбравме втора работа, која треба да се потврди дали е вистина, а тоа е дека врбувале вештаци од разни професии, економски, градежни, ИТ и други, кои би правеле нарачани вештачења со кои би се поткрепиле конструкциите на СЈО, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во мегаинтервјуто за Телеграф.мк.
Порталот денеска го објави вториот дел од мегаинтервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кое тој зборува за актуелни прашања поврзани со работата на специјалното јавно обвинителство, откривајќи нови детали и сознанија поврзани со дејствување на таа институција.
Т: Рековте дека кога станува збор за СЈО, не гледате правични и професионални стандарди. Каде и како го препознавате ова за кое зборувате за СЈО?
– Еве, нема да се занимавам со инсинуации и со аферите што го следат работењето на СЈО, ќе се задржам на неспорните факти. Најпрвин, најголемиот дел од тие обвинители со висок степен на омраза говорат и се однесуваат кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, нивните прес-конференции личат на политички настапи, со огромна доза на театар, без докази, со однапред подготвени флоскули од нивна страна, веќе се прогласени за виновни луѓе за кои воопшто нема покренато ниту обвинение, а уште помалку да се изјаснил судот. Нивните активности се апсолутно селективни и се насочени единствено кон една политичка партија, кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Сите бевме сведоци на тоа како претседателот на СДСМ јавно во медиумите во неколку наврати ги најавуваше следните нивни чекори и активности, и потоа СЈО буквално постапуваше согласно тие најави.
Сите го видовме ова преку медиумите. Тоа зборува и за нивна тесна поврзаност, координираност и давање инструкции од една политичка партија, а тоа е СДСМ. Како да верува некој во тие луѓе, за кои сите мислевме дека ќе се непристрасни и неутрални.
Од она што го дознавам од раководни лица во институциите, освен што се однесуваат крајно арогантно, тие континуирано се служат со закани, и кон раководните луѓе во институциите и кон потенцијалните сведоци.
На многу од сведоците им велеле дека ако не прифатат да кажат и да потврдат онака како што бараат од нив, ќе заглават во затвор. Нешто слично како во 1949 година во Македонија, кога тогашната УДБА користеше такви методи.
Т: Што Ви значи тоа „арогантно“?
– Не сите, но повеќето од обвинителите во СЈО се влезени во филм на големи ѕвезди. До вчера повеќето од нив никој, освен тесниот круг познајници, не ги познавал и поздравувал, а сега откако поддржувачите на СДСМ им честитаат и се сликаат со нив на улица, тие мислат дека тоа е цела Македонија и дека имаат голема поддршка од народот.
Од друга страна, очигледно не можат да се носат со новата улога, и нивното однесување кон институциите е крајно деградирачко, од позиција на сила, дрско и заплашувачко. Отворено им се фалат на нивни пријатели дека зад нив стои оваа или онаа држава, дека никој ништо не им може, дека се недопирливи, дека се херои, дека имаат голема кариерна иднина, бидејќи некој што стоел зад нив немало да ги заборави.
Сето тоа го зборуваат, и освен луѓето што се активисти на СДСМ, другите се шокирани кога ги слушаат и потоа коментираат, во смисла дека се одлепиле од земја, дека им требаше еден месец и неколку прес-конференции за да летнат во воздух. Зачудени се што сето ова го гледаат низ перспектива на своите кариери, и некој друг да задоволат, а не правдата. Не се ни свесни кое е објективното мислење за нив. Не се ни свесни дека над 60 отсто од Македонците не им веруваат, а дека процентот на оние што им веруваат се поклопува со процентот на поддржувачи на СДСМ.
Дејствуваат како партиски разгранок на СДСМ. Ставени се во функција на СДСМ. За секој од случаите што ги испитуваат тргнуваат со претпоставка и цврсто убедување дека клеветите и обвинувањата од прес-конференциите на СДСМ се точни, и сега тие по секоја цена мора да ги докажат, користејќи многу често, како што кажав, удбашки методи од 50-тите години на минатиот век.
Значи, нивниот пристап не е да истражат како било, дали тоа што го тврдеше СДСМ е точно или не, и евентуално во законска постапка да приберат докази доколку е точно, туку по секоја цена да се одбрани и докаже дека СДСМ бил 100 отсто во право. Таков е пристапот. Заев објави, а ние сега сме тука да го докажеме тоа, независно дали е точно или не неговото тврдење и обвинување. По секоја цена, и со сите дозволени и недозволени методи, со притисоци и закани како кон сведоците и институциите така и кон судот и судиите, и со континуирано барање помош за притисок во ист правец од претставниците на меѓународната заедница.
Т: Споменавте недозволени методи, на што мислевте?
– Само накусо, во 21 век да повикаш некој во својство на сведок и да му кажеш дека ако не го потврди она што си го наумил да го докажеш како вистина, иако е невистина, и притоа да му кажеш дека ако не постапи според очекувањата ќе добие затвор од 10 или повеќе години, и кога ќе излезе нема да си ги препознае децата, не е ништо друго освен груба злоупотреба на функцијата, злоупотреба на институцијата и на функцијата, и не случајно дел од сведоците поднесоа кривични пријави кон некои луѓе од СЈО.
Од авион се гледа дека овие луѓе, кои ја окупираа оваа институција, се длабоко партиски мотивирани да му помогнат на СДСМ, а да ѝ наштетат на ВМРО-ДПМНЕ. Во отсуство на докази против луѓето што им се цели, што им се цел на уништување и политичка елиминација, се обидуваат да изнудат лажни изјави на сведоци, се обидуваат со заплашувања и закани да обезбедат заштитни сведоци, луѓе кои најпрвин ќе ги преплашат, па ќе им понудат соработка, а за возврат нема да ги гонат.
Овие информации ги кажувам од многу сведоштва на многу луѓе што ги повикале на разговор. На некои од нив отворено им кажуваат дека целта им е некој политичар, и дека ако не прифатат да сведочат против него, а тоа значи лажно во случаите кога нема дело, ќе создадат ситуација со тоа што ќе ги набедат и обвинат самите нив.
За оваа екипа во СЈО, во немоќ да ги оправда парите што ги троши, се зборува дека има ултрависоки примања од по 2.500 до 3.000 евра месечни плати заедно со додатоците, во немоќ да му помогне на СДСМ преку наше оцрнување и бламирање пред јавноста, веќе го загуби компасот на своето дејствување, и целосно ја загуби и нашата доверба и довербата на мнозинството граѓани во земјата. Тие ја издевалвираа институцијата СЈО.
Т: Со кои чекори, според Вас, ја издевалвираа својата работа специјалните обвинители?
– Едноставно кажано, тие живеат за моментот кога ќе одржат некоја прес-конференција на која ќе набедат некого, или без ниеден доказ, или со некој изнуден сведок, и ќе објават дека отвориле истрага. Веројатно понатаму истото или полошо ќе биде и за отворање обвиненија. По информациите што ги добиваме, работат по инструкции на поединци од СДСМ, а самите насекаде се фалат дека ги поддржувал меѓународниот фактор, и дека поради тоа биле убедени дека ќе успеат, како и да е.
Со својот однос и дејствување, како што реков, вршат притисок и врз судиите, кога сакаат да изнудат притвори или претреси без никаква основа. Всушност, единствената надеж им е некого да го пикнат во притвор и тоа да биде неговата казна, и обид за политичка елиминација, или пак психички да го скршат и да го принудат да стане лажен заштитен сведок кон некој повисок политичар. Сето ова, целиот овој пристап и дејствување се крајно недозволиви во секоја демократска земја.
Разбирам дека парите што ги добиваат сакаат да ги добиваат што подолго, разбирам и дека откако самите ги кренаа очекувањата, сега сакаат да покажат некаков резултат за земените пари и патувања, разбирам и дека имаат наклоност кон некоја партија и незадоволство или нетрпеливост кон друга, во случајот кон ВМРО-ДПМНЕ, ама во таа институција мора да се работи непристрасно и професионално, со почитување на пресумцијата на невиност, а личните наклоности да си ги чуваат за себе или за изборниот ден кога ќе гласаат. Впечаток е дека некои од нив можат да бидат добри пратеници на СДСМ, но не и независни обвинители.
Не може професионалци да помислат да си дозволат кај Едмонд Темелко или кај кого било да влезат дома без судски налог. И кога сме кај Темелко, СЈО бараше притвор за овој човек и е преокупирано со лишување од слобода на некој директор на подрачно училиште или полицаец кој наводно незгодно навредил некого, а, од друга страна, Верушевски, за кого постојат силни и цврсти докази за неговата улога во процесите, го ослободија од притвор, за каков професионализам зборуваме тука.
Не може на прес-конференција да објавуваат имиња или соодветно да опишат некоја личност без име, а на цела држава да ѝ е јасно која е личноста, без елементарен доказ против неа. Или фразата „партија на власт“, демек не ја споменале ВМРО-ДПМНЕ, а сите знаат дека периодот за кој имаат надлежност да испитуваат е токму периодот кога оваа партија е на власт.
На пример, фразата „една поранешна министерка за внатрешни работи“ не може да се однесува на никој друг, бидејќи само една жена ја извршувала таа функција во време кога имаат надлежност да испитуваат. Значи, луѓето тргнуваат со силна омраза кон нас, со желба некому да му наштетат на угледот, политички да го елиминираат, набедат и оцрнат. Без судска пресуда. Тргнуваат како политички противници, а не како независни обвинители.
Дознав дека смислиле и уште една работа. Потпишале договор за консултантски услуги со повеќе луѓе, професори, адвокати, академици и слично, чија главна задача е да гостуваат секоја вечер во телевизиски емисии и да зборуваат против нас, а да ги бранат нив. Да пишуваат колумни во ист правец и да влијаат врз јавното мислење, притоа глумејќи независни стручњаци.
Значи, дење се советници, ако воопшто нешто работат како советници, а навечер секој од нив е гостин во емисија, независен експерт, угледен независен адвокат или професор или академик или слично. Со други зборови, буџетските пари на граѓаните ги користат да плаќаат луѓе кои политички и јавно низ медиумите треба да ги бранат нивните непрофесионални и партиски мотивирани активности. И тоа се случува во Mакедонија речиси секој ден. Народот ги слуша и веројатно поим нема колкави хонорари земаат за така да зборуваат против нас.
Погледнете деновиве каква битка водеа за да го заштитат сега веќе поранешниот шеф на „Aлфите“, за кој цела држава знае дека е партиски кадар на СДСМ. Значи, на моменти, не се ни обидуваат да се затскријат или да одглумат.
Вакво СЈО ниту договоривме ниту кој било нормален човек може да го поддржи.
Втората работа што ја разбравме деновиве, која треба да се потврди дали е вистина, е дека врбувале вештаци од разни професии, економски, градежни, ИТ и други, вештаци кои би правеле нарачани вештачења, вештачења со кои би се поткрепиле конструкциите на СЈО.
Замислете до каде одат работите кога овие луѓе, како тим, за големи пари ќе фалсификуваат и продуцираат нарачани вештачења. Ние веќе бевме сведоци на едно такво нарачано вештачење од Мирослав Грчев за случајот „Космос“. Замислете, и покрај тоа што веќе има неколку вештачења за истиот предмет, нарачано е вештачење од СЈО кај Мирослав Грчев, човекот кој отворено покажува омраза кон ВМРО-ДПМНЕ и кон сите проекти на Владата, човекот кој секојдневно нè плука кај ќе стигне, поранешен градоначалник на СДСМ, и кој е целосно ненадлежен за ваков тип вештачења, беше одбран да направи нарачано вештачење. Ете ова се методите на СЈО.
Има уште многу нешта за ваквото однесување на СЈО, за кое допрва ќе се зборува. За начинот како функционира нивното работење од повеќе аспекти.
Значи, пак ќе повторам. Идејата за ваква институција ја поддржуваме. По она што се случи минатата година таа ни треба, и како држава, и како партија, и нам како поединци, независна и професионална. Но, со нивните методи на постапување ја злоупотребија и ја извалкаа таа идеја. Си дозволија да се стават во нечија служба и нечии цели.
Мислам дека ако вака се однесуваше јавното обвинителство кон некој од опозицијата, ќе се кренеше голема врева, не само во земјата туку и надвор.
Продолжува…
(Во утрешниот трет дел од интервјуто со Никола Груевски ќе читате за тоа дали очекува СЈО да престане со политичката агенда, за следните активности на партијата, како и за други актуелни прашања и теми)