Од 20-ти до 30-ти јуни во општина Аеродром ќе се одржи вториот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“. За ова денес информираше градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.
– Општина Аеродром издвои средства од својот Буџет за овој меѓународен фестивал со цел да го збогати културниот живот на граѓаните и да ги развесели и разведри љубителите на театарот и комедијата, изјави градоначалникот Коневски.
Директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, пак изјави дека задоволството ќе биде огромно доколку изборот на претставите го погоди вкусот на публиката, бидејќи со големо внимание е одбран репертоарот за ова, второ фестивалско издание.
Таа нагласи дека фестивалот има натпреварувачки карактер и дека тричлена жири комисија ќе додели награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и најдобра претстава.
Инаку, претставите ќе се играат со почеток од 21:00 часот, на отворена сцена поставена на игралиштето во фудбалското игралиште до детската градинка „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, а влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.
Ова е резултат на успешно спроведениот проект културно лето „Аеродром се смее“ од предминатата година што наиде на одличен одзив кај публиката кога за претставите се бараше столче повеќе.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, рече дека Министерството ја поддржува оваа манифестација и еден од неговите приоритети е локалниот културен развој, бидејќи „културата треба да биде достапна до секој граѓанин“ и изрази убеденост дека Фестивалот ќе прерасне во традиција.