Меѓународен суд ќе одлучува за случајот со соборениот малезиски авион над Украина

Холандија со своите сојузници ја разгледува можноста меѓународен суд кривично да ги гони лицата кои ќе бидат осомничени за минатогодишното соборување на малезискиот патнички авион (на летот МХ17) над Украина, за британските медиуми наведуваат извори упатени во овој случај, пишува МИА.

Засега има мали шанси овој процес успешно да се доведе до крај, но Холандија се надева дека залагањето да се ангажира суд под закрилата на Обединетите нации може да наведе на соработка со Русија, ција улога се смета за клучна.

Меѓу 298 жртви од авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“, две третини беа Холанѓани.

Со приближување на годишнината од падот на авионот, на 17 јули, холандските власти се под се поголем притисок да преземат акција.

Поголемиот дел од холандската јавност веруваше дека Русија го соборила авионот, додека Москва тоа го демантира и тврди дека авионот го собориле украинските сили.

Русија дури почна и обемно медиумско истражување во кое на јавноста и беа изнесени некои докази што зборуваат во прилог на тезата дека авионот не го соборила руската страна.

Два извора од Холандија потврдија дека се во тек обиди, со поддршка на Советот за безбедност на ОН, да се основа меѓународен суд што ќе се посвети на овој случај откако ќе се заврши мултинационалната истрага и се именуваат осомничените.