Единаесет транспортни менаџери на фирми од Република Македонија, превозници на патници и на стоки се добитници на наградата „Топ менаџер“ за 2015 која ја доделува Меѓународната унија за патен транспорт – ИРУ, најголемата транспортна асоцијација во светот, со седиште во Женева.
Добитници на наградата се Златко Милевски – БОМИ 10 ЛОГИСТИК, Али Сеадин – БУЛА ТРАНС КОМЕРЦ, Страшко Јакимовски – ДЕНИ-ИНТЕРНАЦИОНАЛ, Димче Вчков – ДИ-ТРАНС, Розетка Моневска – ДМ ПРЕЦИЗ, Перо Донев – ГРДОВЈАНКА, Ибраим Абдулаи – ИРА ТРАНС, Најдан Милиќ – НАЛЕ ТРАНС, Трајан Ангелов – QUEHENBERGER LOGISTICS, Селајдин Алиов – СЕРА и Валери Трајковски од ЗМАЈ ПРОМЕТ, пренесува МИА.
Наградата во име на ИРУ им ја предаде Емил Милев, управител на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ
Добитниците од Македонија се дел од тимот на 65 најдобри менаџери во транспортот од 15 земји во светот.
– Наградата е потврда на нивното квалитетно и успешно менаџерско работење, за постигнатите резултати и дострели, како и за професионалноста и придонесот во развојот на компаниите што ги водат, потоа во подигнувањето на нов транспортен кадар, а и во иновациите што ги применуваат, вели управителот на СИЗ Македонија сообраќај –АМЕРИТ Емил Милев.
Претседателот на Меѓународната унија за патен транспорт – ИРУ, Јануш Лачни истакнува дека најдобрите менаџери во патниот транспорт постојано бараат начини за подобрување на високиот квалитет и одржливост на транспортните услуги, кои ги нуди нивната компанија.
Според него тоа се луѓе, кои ги прифаќаат основните вредности на социјалната одговорност и професионалност и сакаат да ги развијат вештините на целиот тим, за да ја направат индустријата најдобра што може да биде.
Годинашната награда „Топ менаџер“ е доделена на транспортери и транспортни асоцијации од Аргентина (3), Белорусија (2), Чешка (1), Естонија (4), Македонија (11), Германија (2), Казахстан (7), Латвија (2), Мексико (8), Молдавија (2), Мароко (5), Романија (6), Русија (6), Шпанија (3) и Украина (3).