Меѓународниот Црвен крст предупреди дека е можно ширење на еболата

Меѓународниот комитет на Црвениот крст повика денеска на претпазливост поради можно ширење на еболата поради масовните патувања за време на божиќните празници во западниот дел од Африка, соопшти МИА.

– Постои ризик од ширење на инфекцијата, доколку не се преземат сите потребни мерки, изјави во Лондон шефот на Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Оваа федерација има околу 11.000 волонтери во трите земји кои се најтешко погодени од епидемијата на ебола – Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија.

Досега од ебола починаа 6.388 луѓе, од вкупно 17.942 регистрирани случаи во осум земји, соопшти вчера Светската здравствена организација.