Националниот сојуз на слепите на Република Македонија денеска го одбележува Светскиот ден на Белиот стап кој од Обединетите нации е признат како симбол на слепи лица зашто им овозможува поголема мобилност и учество во заедницата.
По повод Светскиот ден, денеска ќе биде пуштена во употреба нова зграда на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Општина Кисела Вода.
Европската команда на Армијата на САД го финансираше проектот во вредност од 363.000 долари со цел да се обезбеди нова зграда со шест училници и една сала за наставници. Објектот е изграден според високи стандарди за ученици со оштетен вид и ќе го подобри квалитетот на образованието на најранливата група деца во Македонија.
На свеченоста ќе присуствуваат американскиот амбасадор Џес Бејли и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
Националниот сојуз на слепите на Република Македонија по повод 15 Октомври апелира да се укинат сите облици на дискриминација кон слепите лица во сите сфери на општеството, како: достапност на физичкото опкружување, приспособеност на јавниот превоз, соодветна примена на новите ИТ-технологии, пристап до едукација, вработување, егзистенција…
Апелира на право на читање и достапност на публикуваните материјали на Брајова азбука, посебни тактилни патеки или тротоари со означени коцки за движење на слепите лица, поставување звучни семафори низ целата држава, звучни известувања за станиците во градските автобуси, звучни банкомати и пристапност до електронско банкарство, како и подготовка на Предлог-закон за самостојно движење на слепи лица со куче-водич кое, покрај белиот стап, би им овозможило полесно движење на овие лица.
– Не постоиме само на овој 15 Октомври, тука сме постојано, секој ден… Општествената изолација со која секојдневно се соочуваме ние, слепите лица, во ниеден случај не може да се оправда со нашата инвалидност, затоа што слепилото не е болест, туку состојба. Не бараме посебни права, не бараме привилегии. Ние бараме само да ни се овозможат сите компензациски права кои се цивилизациска придобивка на модерниот, развиениот свет, соопшти Сојузот.
Националниот сојуз на слепите на Република Македонија е формиран во 1946 година и е единствен легитимен претставник на повеќе од 2.500 слепи и слабовидни лица од целата територија на државата.