На 14, 15 и 16 ноември ќе се одржи четвртиот Меѓународен фестивал за лица со и без хендикеп организиран од здружението на граѓани за промоција и развој на регионите „Свет на различни а еднакви“ од Скопје. Ова е единствен фестивал од ваков вид на Балканот и е три дневен настан проследен со другарување и размена на искуства.
На фестивалот ќе учествуваат аматерски актерски групи од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и други. Во вторник и среда, 14ти и 15ти ноември, фестивалот ќе се одржи во Драмски театар Скопје и претставите ќе бидат од натпреварувачки карактер. Во среда, 16ти ноември, во Македонски народен театар Скопје во ревијалниот дел ќе бидат свечено доделени награди. Фестивалот ќе го водат Ирена Спировска и Татјана Стојановска. На 14ти ноември преставите започнуваат во 11.00 часот и завршуваат во 15.00 часот, а на 15ти ноември програмата ќе започне во 10.30 часот и ќе заврши во 14.30 часот. Ревијалниот дел и свеченото доделување на наградите во МНТ на 16ти ноември ќе започне во 12.00 часот.
Овие активности имаат за цел да ја зголемат инклузијата на лицата со инвалидност со други лица во културни активности, тие да ја имаат можноста полесно и активно да се вклучат во општеството и заедницата, да им се отворат портите за креативно изразување, да се негува нивниот потенцијал и да се унапреди нивниот квалитет на живот.
Поддршката на овој фестивал креира повик за соживот и еднакви права и отвора можности која ќе ја направат различноста на сцената посебна за сите кои ја сакаат магијата на театарот.