Мехмедовиќ: Последен момент е да постигнеме колективен имунитет оти ќе се вратиме во ситуацијата од јануари 2020

Од вчера портпарол на Комисијата за заразни болести е д-р Злате Мехмедовиќ. Тој вели дека неговата позиција, исто како и членувањето на другите експерти, е неплатена и дека е потребна за информирање на популацијата која е склона да се приклонува кон непроверени информации и теории на заговор.

-Тие дезинформации на социјалните мрежи направија сериозна штета и резултатот од тоа го гледаме денес, вели д-р Мехмедовиќ за Утрински брифинг.

Познато е дека д-р Мехмедовиќ цврсто се залага за вакцинација, па дури и за некои професии за задолжителна вакцинација. Тој вели дека неговото членување во Комисијата не било условено со неговите ставови, а дека во Комисијата ќе се спротивстават различни ставови.

-Мојот став за вакцинацијата, за училиштата, за тоа како треба да се следи пандемијата произлегува од искуствата на другите земји каде што прво поминуваа брановите на вирусот, вели д-р Мехмедовиќ.

Во Велика Британија има околу 70 илјади вработени во здравствениот сектор кои одбиваат да се вакцинираат од различни причини. Мехмедовиќ вели дека кај нас не е познат бројот на невакцинирани здравствени работници. Но, додава тој, во Англија е специфична ситуацијата затоа што таму има висок степен на вакцинираност и на отпорност оти и голем дел од популацијата ја има прележано болеста.

-Треба да го знаете имунитетот на популацијата за да носите мерки. Во Австрија, на пример, се брза да се постигне колективен имунитет, а таму е задолжителна вакцинацијата за сите. Во текот на овие две години вирусот се измени, а вакцината е создадена врз основа на првиот сој. Ако сега не постигнеме колективен имунитет, ќе го стиснеме копчето за ресет и ќе се вратиме во јануари 2020 година, вели Мехмедовиќ.

Во врска со типот на вакцина, официјалната политика на државата е третата вакцина да биде Фајзер, вели д-р Мехмедовиќ.

Вчера од ковид-19 имавме 22 починати и дополнително 12 починати од „Мој термин“.

-Се работи за регистер на починати на Министерството за здравство, кој не се води во реално време, туку се води по пријави од матичните лекари. Станува збор за бавна администрација и ништо повеќе од тоа. Сѐ може да се сокрие, но не може да се сокрие кога некој ќе почине, вели д-р Мехмедовиќ.

На прашањето зошто во Македонија има загрижувачки бројки на починати д-р Мехмедовиќ вели дека ќе бидат преразгледани сите бројки.

-Да, точно е дека имаше манипулација со бројките, но за ова ќе се разговара на Комисијата за заразни болести. Факт е дека нашата земја е на шесто или седмо место во светот по број на починати, вели д-р Мехедовиќ.

Носењето на протоколи е работа на Министерството за здравство, а не на Лекарската комора, но дијалог меѓу институциите мора да има. Ние ќе ги видиме досегашните упатства и начинот на кој се дисперзирани кај лекарите, вели Мехмедовиќ. Упатство за практикување на медицина базирана врз докази е она што популарно се нарекува „протоколи“ и тоа треба да се применува.

-Во моментов притисокот врз болниците е голем и сериозен, но засега ситуацијата се држи под контрола. Засега треба да се користат постојните болнички капацитети, а се надевам дека нема да дојдеме во ситуација да мораме да ги искористиме сите капацитети, вклучително и модуларните болници кои мора да бидат безбедни и да имаат доволен број персонал во ситуација кога имаме голем број заразени медицински работници, вели д-р Злате Мехмедовиќ за Утрински брифинг.