Британската премиерка Тереза Меј на денешната прес-конференција во владата заедно со премиерот Зоран Заев истакна дека е горда што е прв премиер од Велика Британија што во последните 25 години ја посетил Македонија.
Ти благодарам Зоран на топлото добредојде и горда сум што во последните 25 години сум првиот премиер што ја посетил Македонија. Можеме да видите што се случи по парламентарните избори, се случија големи промени и Македонија се отвори кон другите држави. Може да сметате на нашата поддршка. Вашата земја премиере е интегрален дел од Европа. Нашето пријателство ќе јакне и понатаму, иако повеќе не сме членка на Европската унија, истакна Меј.
Меј ја пофали Македонија, за како што рече таа, добрата политичка волја на Владата за спроведување на реформи. Таа се осврна и на спорот со името меѓу Македонија и Грција.
Со добра политичка волја еве до каде стигнавте вие во Македонија. За решавање на спорот со името треба политичка храброст за да се донесат тешки политички одлуки, сакаме да ја гледаме Македонија на оваа позитивна патека, рече Меј.
Таа уште кажа дека Македонија е неделив дел од Европа и дека Британија ќе продолжи да ја поддржува земјата, иако повеќе не е членка на ЕУ. Таа изјави дека Русија се обидува да влијае, како на европските земји, така и на земјите од Западен Балкан, преку сајбер напади и пропаганди.
Важно е да се здружиме против Русија, поддршката од Македонија и другите земји е од големо значење
за нас, рече Меј.
Таа истакна дека, како на самитот во Софија, така и на самитот во Лондон во јули, токму поради оваа причина, главна тема ќе биде безбедноста на регионот и руското влијаение врз него.
Заев уште еднаш се заблагодари на поддршката што доаѓа од Велика Британија.
Со вашето присуство премиерке потврдивте дека Велика Британија останува посветена на регионот. Сакам да посочам дека Македонија од заробена држава ја поставиме во институционална демократија. Овој исчекор го докажавме и со реализацијата на планот 3-6-9, а ќе го спреведем е и планот 18 кој се однесува на владеење на правото и борбата против организираниот криминал. Овозможете ни ја европската иднина, jа заслужуваме, истакна Заев.
Ова е прва посета на британски премиер на Република Македонија од 1999 година, кога земјава ја посети тогашниот премиер Тони Блер за време на косовската бегалска криза. Посетата на Меј се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Лондон и Скопје, за што таа вели дека Британија и Македонија не биле никогаш поблиски. Британската премиерка во Скопје допатува од Софија, каде што учествуваше на Самитот на Европската унија за Западен Балкан.