Британската премиерка Тереза Меј изјави во четвртокот дека е „искрено згрозена“ од извештаите за сексуалното вознемирување на добротворната гала вечера во Лондон, истакнувајќи дека тоа покажува дека уште има работа во борбата против третирањето на жените како сексуални објекти.
Жените ангажирани како хостеси на исклучително машката таинствена хуманитарна вечера на претприемачи и политичари биле допирани, им се нуделе сексуални односи и сексуално биле вознемирувани, пишуваше весникот The Financial Times во средата.
„Бев искрено згрозена кога го прочитев овој извештај. Мислев дека таквиот став кон жените како објекти е нешто од минатото. За жал, тој настан покажа дека има уште многу работа околу тоа“, изјави британската премиерка Тереза Меј за телевизијата на агенцијата Bloomberg на маргините од Светскиот економски форум во швајцарски Давос.
Истакна дека планира да ја искористи својата позиција за да обезбеди жените да бидат почитувани и кон нив да се однесува како кон рамноправи. Но истовремно му даде поддршка на Надим Захави, потсекретарот во министерството за образование кој е критикуван откако се дозна дека и тој присуствувал на скандалозната вечера.
„Знам дека на Надим му било непријатно, поради тоа што се случувало таа вечер, па затоа и ја напуштил“, тврди британската премиерка.