„Мекдоналдс“ нема повеќе да користи вештачки адитиви во нивните бургери, соопштија од компанијата пред неколку дена, објави СНН.
Глобалниот ланец за брза храна подолго време се обидува да ги привлече потрошувачите кои сакаат здраво да се хранат, па потегот со кој од своите седум класични бургери- меѓу кои хамбургер, чизбургер, двоен чизбургер и „Биг Мек“ ќе ги исфрли адитивите, и не е толку изненадувачки.
Според компанијата, промената ќе влијае на секој дел од хамбургерот, од пецивото до сирењето и сосот. Ова особено се однесува на специјалниот „Биг Мек“, од кој се отстранат три адитиви „без да се жртвува препознатливиот вкус”.
Но според СНН, краставичките во сендвичите се уште ќе го задржат вештачкиот конзерванс.
Причината за новитетот во „Мекдоналдс“ не треба да се бара само во желбите на потрошувачите, туку и во потезите на конкуренцијата. Имено, „Taco Bell“, „Subway“ и „Panera Bread“ веќе од порано се обврзаа на отстранување на вештачките адитиви од храната, додека „Мекдоналдс“ досега ги отстрани вештачките конзерванси од McNuggets.
Претходно годинава компанијата се откажа од употребата на смрзнато говедско месо во бургерот Quarter Pounder и додаде неколку поздрави опции во Happy Meal, како што е млекото.