Мексиканците ги совладаа светските шампиони Германците

Во средбата од првото коло на Групата Ф од светското фудбалско првенство во неделата во Москва, фудбалерите на Германија, коишто ја бранат титулата,м загубија од Мексико со 0:1 (0:1).

Победничкиот гол беше постигнат во 35 минута од противнапад, кој го поведе Хавиер Ернандез Чичарито, а во погодок го претвори напаѓачот на холандски ПСВ, Хирвинг Лозано.

Возбудливото и содржински богато прво полувреме им припадна на Мексиканците, кои се заканија веќе во 2 минута, кога Лозано се проби во казнениот простор, но неговиот удар успеа да го блокира Џером Боатенг. Германците, пак, беа близу погодок во 16 минута, кога Џошуа Кимих нафрли во петте метри за Кедира, на кој од нога топката му ја симна Салседо. Четири минути подоцна Тимо Вернер се обиде од свртување од 12 минута, но топката одеше директно во мексиканскиот голман Очоа. Сепак, во 35 минута Мексико заслужено поведе, по контранападот што го поведе Чичарито а го реализираше Лозано. Мексиканските во првото полувреме имаа уште три опасни противнапади, но ги упропастија. Тоа можеше да им се одмазди во 39 минута, кога Тони Крос од слободен удар од 20 метри, со мала помош на голманот Очоа ја погоди стативата.

Иако Германија во второто полувреме го принуди Мексико да се брани, нејзините фудбалери тешко доаѓаа до шанси. Во 65 минута Кимих од тешка позиција шутираше со „ножички“, но топката мина над голот, потоа во 72 минута волејот на Ројс од осум метри откосо беше непрецизен, а во 76 минута шутот на Тони Крос од врвот на шеснаесетникот мина неколку сантиметри крај стативата. Последната шанса Германците ја имаа во 89 минута, но обидот на резервистот Марио Гомез го одбрани Очоа. Во вториот дел Мексиканците двапати сериозно се заканија од противнапади. Во 57 минута се сплеткаа Ернандез и Вела, а во 82 минута ЛАјуна од 16 метри шутираше крај голот.

Вториот дуел од Групата Ф на распоредот е во понеделникот во 14 часот кога се среќаваат Шведска и Јужна Кореја.