Мис Мексико беше крунисана за Мис на Универзумот вчеравечер на гламурознa свеченост што се одржа на Флорида (САД). Андреа Меза (26) се најде на првото место, пред претставничките на Бразил и на Перу.
Шоуто синоќа се врати на малите екрани, откако натпреварот во 2020 година за првпат беше откажан, поради пандемијата на коронавирус. Поранешните победнички на Мис Универзум – Чесли Крајст, Паулина Вега и Деми-Ли Тебоу го коментираа натпреварот, а жири од осум дами ја одреди победничката.
Облечена во светлоцрвен вечерен фустан, Меза се расплака додека одеше на модната писта, по круната.
Меза победи во конкуренција на над 70 натпреварувачки од цел свет. А, 69-oт натпревар се одржа во казино-хотелот „Хард рок“ на Флорида.
Неколку дена пред финалето, Мис Мјанмар, Тузар Винт Левин, која влезе во првите 21 убавица, го искористи своето време за да го сврти вниманието кон превратот во нејзината земја.
– Нашиот народ умира и секој ден е стрелан од војската. Затоа би сакала да ги повикам сите да зборуваат за Мјанмар – рече таа во биографското видео што го покажува нејзиното лично учество во демократските протести против превратот.
Таа исто така ја освои наградата за најдобра национална носија. За време на овој натпреварувачки дел, таа носеше носија украсена со монистра во традиционален бурмански стил, со натпис „Моли се за Мјанмар“.