![Meksiko protesti carini SAD](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Meksiko-protesti-carini-SAD-696x464.avif)
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум нареди воведување царини како одговор на одлуката на САД да воведат царина од 25 отсто за стоките што доаѓаат од Мексико, во услови на избувнување на трговска војна меѓу двете соседни земји.
Во подолг пост на X, Шејнбаум наведува дека нејзината влада бара дијалог а не конфликт со нејзините најважни трговски партнери на север, но дека Мексико е принудено да одговори на истиот начин.
„Му наредив на мојот секретар за економија да го спроведе планот Б, на кој работиме, кој вклучува царински и нецаински мерки за одбрана на мексиканските интереси“, објави Шејнбаум, иако не наведува на кои американски стоки нејзината влада има намера да ги наметне царините.
Со децении двете земји имаат развиено меѓусебна трговија, вклучително и високо интегрирана автомобилска индустрија, како и големи количества сирова нафта, природен гас и моторни горива кои се движат во двете насоки.
Мексико, исто така, испорачува големи количества свежи производи на северот, вклучувајќи авокадо и домати, додека американските фармери испраќаат големи количества пченка и други житарки во Мексико.
САД се далеку најважниот странски пазар за Мексико, при што Мексико ја надмина Кина како главна дестинација за американски извоз во 2023 година.
Мексико се подготвува да воведе царини од 5 до 20 отсто за увоз на свинско месо, сирење, свежи производи и челик и алуминиум од САД. Автомобилската индустрија, барем во почетната фаза, би била поштедена.
Извозот на САД во Мексико во 2023 година изнесуваше повеќе од 322 милијарди долари, додека САД увезоа повеќе од 475 милијарди долари мексикански производи, покажуваат податоците.
Речиси една третина од бруто домашниот производ (БДП) на Мексико директно зависи од извозот во САД, вели Габриела Силер, директорка за економска анализа во компанијата „Grupo Financiero BASE“.
„Со универзалните царини од 25 отсто, се проценува дека мексиканскиот извоз би можел да падне за околу 12 отсто. Ова може да доведе до пад на БДП од 4 отсто во 2025 година, доколку тарифите останат во сила цела година“, рече Силер.
Шејнбаум, исто така, ги отфрли критиките на Белата куќа дека нарко-картелите имаат сојуз со мексиканската влада, што администрацијата на Трамп го искористи за да го оправда наметнувањето тарифи.
Трамп повќепати посочи дека ги наметнува тарифите бидејќи Мексико не го спречува протокот на илегалните мигранти и на смртоносниот опиоид фентанил во Соединетите држави, кој е причина за илјадници прератни смртни случаи на годишно ниво.