Мелбурн стана најголем град во Австралија

Поради воведените промени на границите на градот, Мелбурн го надмина Сиднеј по бројот на жители за прв пат по златната треска во 19 век. Имено, поради сѐ поголемиот број на жители, границата на Мелбурн е проширена и на областа Мелтон.
Според најновите владини бројки од јуни 2021 година, Мелбурн сега има 4.875.400 жители, што е за 18.700 повеќе од Сиднеј.
„Според дефиницијата на пописот во 2021 година, главната област на Сиднеј имаше поголем број жители од Мелбурн. Сепак, со спојување на Мелтон со Мелбурн во најновата класификација, Мелбурн има повеќе жители од Сиднеј, и тоа од 2018 година“, рече Ендрју Хау од Еј-би-си за Сиднеј Морнинг Хералд, како што пренесе Би-би-си.
Властите, сепак, предвидуваат дека пошироката област на Мелбурн ќе ја надмине пошироката област на Сиднеј во 2031 или 2032 година. Ова не е првпат Мелбурн да ја носи титулата најголем град во Австралија. За време на златната треска од крајот на 19 век, што предизвика многумина да се упатат кон Викторија, населението на Мелбурн значително се зголеми и до 1905 година беше поголем од Сиднеј.