Италијанската премиерка Џорџа Мелони испрати писмо до германскиот канцелар Олаф Шолц во кое вели дека е „изненадена“ кога дознала за одлуката на германската влада да финансира добротворни организации со седиште во Медитеранот кои се грижат за мигрантите, објавија британските медиуми, пренесува БТА.
Мелони зазема цврст став против илегалната имиграција, но Италија забележа голем скок на бројот на мигранти оваа година, со околу 133 илјади пристигнати на брегот досега, од околу 69.800 во истиот период во 2022 година.
Во писмото на Мелони до Шолц, се вели „со чудење дознав дека вашата администрација, без да ги координира своите активности со италијанската влада, одлучи да ги поддржи со значителни средства невладините организации кои се занимаваат со прием на илегални мигранти на територијата на Италија и со спасувачки операции во Медитеранот“.
Минатата недела, Мелони одобри нови мерки за продолжување на времето за задржување на мигрантите и зголемување на бројот на центри за притвор во обид да ги одврати од пловење преку морето од брегот на Северна Африка до Европа.
Нејзината влада, исто така, пресуди дека мигрантите ќе мора да плаќаат за да избегнат притвор додека се обработува нивното барање за заштита.
-Верувам дека напорите, вклучително и финансиските, на земјите од ЕУ кои се заинтересирани да обезбедат конкретна поддршка за Италија треба да се фокусираат на градење структурни решенија за миграцијата, рече Мелони во своето писмо до Шолц.
Таа, исто така, истакна дека Германија треба повеќе да се фокусира на помагање на мигрантите дома, додавајќи дека присуството на хуманитарни чамци на море може да ги поттикне патувањата на мигрантите кои често резултираат со бродоломи и жртви.