Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави во саботата дека се надева оти Европската унија „ќе ја земе предвид пораката“ што европските граѓани ја испратија на изборите, обележани со растот на крајната десница.
Мелони, која излезе посилна од овие избори освојувајќи повеќе од 28 отсто од гласовите за нејзината постфашистичка партија Браќа на Италија (FdI), се надева дека „Европа ја разбира пораката што дојде од европските граѓани“.
„Европските граѓани бараат прагматизам, помалку идеолошки пристап кон различни големи прашања“, рече Мелони за време на завршната прес-конференција на самитот на шефови на држави и влади на Г7, што се одржа од четвртокот до саботата во јужниот регион Пуља под италијанското претседателство.
Џорџ Мелони е жесток противник на, на пример, европскиот зелен договор, а од друга страна, промотор на поостриот пристап кон прашањето за миграцијата.
„Мислам дека политиката, пред сѐ, мора да одговори на укажувањата што доаѓаат од граѓаните“, инсистира италијанската премиерка.
Во понеделник во Брисел ќе се состанат 27-те шефови на држави и влади на земјите членки на ЕУ за да преговараат за „водечките работни места“, односно за кадровските решенија за шефовите на главните институции на ЕУ, а особено за можното повторно назначување на Урсула фон дер Лајен за шефица на Европската комисија.
„Ќе се сретнеме во понеделник и на тој форум ќе почнеме со нашите оценки“, потврди Мелони потсетувајќи дека „предлогот“ за претседател на Комисијата „оди за Европската народна партија (EPP), партијата со најголем број парламентарци“.
Дванаесет од 27-те членки на Европскиот совет се членки на ЕPP, а по непишано правило победникот на европските избори може да претендира на функцијата претседател на Европската комисија.
Италија ќе донесе одлука дали ќе го поддржи втор мандат на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кога ќе ја процени распределбата на другите челни позиции во ЕУ, изјави италијанската премиерка, пренесува Reuters.
Мелони, чија поддршка може да биде клучна за Фон дер Лајен, рече дека распределбата на водечките позици на институциите на ЕУ треба да ја препознае улогата на Италија и пораката што ја испраќаат гласачите на ЕУ.