Меморандум за соработка меѓу македонски и косовски снабдувачи и трговци со струја

Македонските снабдувачи и трговци на електрична енергија ќе може да тргуваат, но и да ги снабдуваат корисниците на косовскиот пазар, а истата можност ќе ја имаат и косовските трговци/ снабдувачи кои имаат лиценца – ова е конкретната придобивка од Меморандумот што го склучија Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) и Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office). Во присуство на министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, првите луѓе на регулаторните тела Марко Бислимоски и Имер Фејзулаху ставија потпис на меморандумот со кој што меѓусебно се признаваат издадените лиценци за снабдување/трговија со електрична енергија.
Итегрирањето на регионалните пазари е чекор што води кон единствен пазар на електрична енергија на Европската Унија изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.

„Договорот ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе биде мотив за нови инвестиции во обновливи извори, затоа што произведената електрична енергија во земјава ќе може да им се испорача веднаш на корисниците во Косово. И ова е всушност реципрочен механизам, исто така и електричната енергија произведена во Косово ќе може лиценцираните трговци да ја нудат на потрошувачите кај нас. Во енергетиката, нема мала и голема слика – туку има само стратешко поставување и реализација на целите кои ќе донесат сигурност, стабилност, намалена енергетска зависност и зголемено производство. А токму нашиот фокус кон транзицијата и инвестициите во ОИЕ го преполови увозот на електрична енергија што до пред кризата изнесуваше 30 %, а сега е 15%.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Договорот во пракса значи намалување на административните бариери за лиценцираните снабдувачи/трговци со електрична енергија посочи претседателот на косовското регулаторно тело за енергетика Фејзулаху.

„Преку овој договор, ги отвораме вратите за нови можности за снабдувачите и трговците со енергија и во Косово и во Северна Македонија со намалување на административните бариери за трговците да влезат на овие два пазари“, рече Имер Фејзулаху од ЕРО.