Соработката меѓу Царинската Управа на Република Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), денеска беше официјализирана со потпишување на Меморандум за соработка.
Меморандумот го потпишаа Наташа Радеска Крстевска, директор на Царинската Управа и Даниела Арсовска, претседател на ССК. Главните цели на Меморандумот се однесуваат на организирање на обуки за бизнис заедницата како и согледување на потребата и темите за нивна реализација.
Од септември годинава, Царинската Управа и ССК партнерски ќе работат на спроведување анализи и обуки за потребите на претставниците на бизнис заедницата и на други целни групи за нивно континуирано стручно усовршување, како и на подготовка на програми во кои ќе се определуваат теми, опфат на соработка и организациони прашања.
Исто така, предвидена е донација на стручна литература од областа на царинското и акцизното право, ангажирање меѓународни предавачи и експерти, како и овозможување учество при студиски посети и конференции во земјата и странство.
Партнерството помеѓу Царинската управа и деловната заедница се остварува и преку работата на Советодавното тело, кое е формирано во јануари 2009 година, а во кое активно членува Сојузот на стопански комори.