Меморијален турнир во мал фудбал „Македонски херои“

Турнирот е под покровителство на Министерството за внатрешни работи и го отвори министерот Оливер Спасовски, кој истакна дека со него уште еднаш им се оддава почит на нашите херои кои, како што рече, во моментите кога беше најтешко застанаа на браникот на татковината и го дадоа животот за својата држава.

– Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи и јас како министер секогаш ќе бидеме тука за да им помогнеме на семејствата на овие големи луѓе. Особено затоа што сме свесни за фактот дека овие семејства се соочуваат со сериозни животни проблеми, какви што се невработеноста и беспарицата и покрај фактот што сите ние сме практично нивни должници. Институциите мора да ја прекинат праксата на декларативно и пропагандистичко злоупотребување на нивните судбини и суштински да им помогнат на овие семејства, рече Спасовски.

Посочи дека некои од овие семејства се уште водат судски спорови и, како што рече, наместо судски покани треба да им се даде почит и благодарност.

На отворањето на меморијалниот турнир во мал фудбал „Македонски херои“ присуствуваше и дополнителниот заменик министер Оливер Андонов, кој рече дека оваа спортска манифестација претставува наш длабок поклон кон херојското дело и саможртвата на припадниците на македонските безбедносни сили.

Како што соопшти МВР, Андонов истакна дека е крајно време „да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и, конечно, да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. Оттука, жртвата на припадниците на безбедносните сили во чија чест е денешниот турнир – нека биде влог кон иднината и помирувањето на Македонија“.