Движење ЗНАМ – ЗА наша Македонија денеска одржа прес конференција на која портпаролот Никола Мемов нагласи дека за македонската јавност е од исклучителна важност кој ќе раководи со владата, но исто така битно е да има и силен коректор на политиките на владата, односно силна опозиција.
Мемов рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов Претседател на своите внатрепартиски избори поради тоа што директорот на Фондацијата Заев и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.
„Од вкупно 80.000 членови на СДСМ за гласање се регистрирале околу 23.000, а на гласање излегле околу 12.000 членови. Со 9000 гласови за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател, г-динот Ковачевски беше избран со околу 40.000 гласови. Самата постапка на регистрација, каде системот за евиденција ненадејно крахира на неколку саати, и одзивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерие и безидејност“.
Портпаролот на ЗНАМ, Мемов рече дека Движењето ЗНАМ за наша Македонија му го честита изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.
„Можеме да констатираме дека СДСМ ниту оддалеку не ја прими пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од една коруптивна група на луѓе кои ја држат партијата возаложништво исклучиво заради сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во 7 годишното владеење“.
Мемов рече дека во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, членови кои ја сакаат Македонија.
„Но, СДСМ е партија која повеќе не припаѓа на членството и максимата или си СДСМ или не си веќе нема никакво значение. Во последните 11 години раководството на СДСМ се откажа од АСНОМ-те принципи и Крушевските постулати како темелина македонската држава и македонскиот народ. Заради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе кои ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори. На Македонија и е потребна здрава, способна и чесна опозиција која ќе биде коректор на власта. Вратите на Движењето Знам за наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата. Отворена е поканата за прием на сите чесни членови на СДСМ. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија со своето учество во владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите нема да бидат исти во Македонија“ рече Мемов.