АД МЕПСО и ЕСМ ги демантираат наводите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по хаваријата во РЕК Битола се увезува електрична енергија.
„Недостигот од електрична енергија настанат поради исклучувањето на РЕК Битола, причинет од дефект во трафостаницата на МЕПСО, во целост се покрива од домашно производство. Електричната енергија за потребите на системот ја обезбедува и плаќа МЕПСО преку системски услуги кои се предвидени за вакви ситуации, соопшти АД МЕПСО“, соопштуваат од МЕПСО.
За покривање на недостигот од електрична енергија, како што се наведува, не е увезен ниту еден мегаватчас електрична енергија. Од МЕПСО посочуваат дека ова нема да има никакви финансиски импликации врз цената на електрична енергија што ја плаќаат граѓаните.
Од МЕПСО информираат дека денеска поради дефект на елемент од високонапонска опрема во трансформаторската станица „Битола 2“ регистрирана е безнапонска состојба во 14:17 часот. Од тие причини, како што се наведува, автоматски делувала релејната заштита на трансформаторската станица и го исклучила РЕК Битола.
– По брзата реакција екипите на МЕПСО успеаја во 14:43 часот да создадат услови за повторно вклучување на преносната мрежа на „РЕК Битола“ најголемиот производствен капацитет на електрична енергија. АД МЕПСО, во моментов, врши модернизација на високонапонската опрема во ТС „Битола 2“, електроенергетски јазол на кој е приклучен битолскиот рударско-енергетски комбинат, со што во иднина на минимум ќе се сведат ризиците од испади и дефекти, се вели во соопштението од АД МЕПСО.
И од ЕСМ информираат дека тарифните потрошувачи во Македонија се снабдуваат со електрична енергија од домашно производство, односно главно од производните капацитети на АД ЕСМ.
„Недостиг на електрична енергија нема, ниту е потребен интервентен увоз. Ја информираме јавноста дека не се точни наводите изнесени од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ дека привременото запирање на два блока во РЕК Битола поради санирање на дефект на трафостаницата на МЕПСО која ја прифаќа електричната енергија од РЕК Битола ќе предизвика потреба од увоз.
Увоз нема да се случи, од причини што АД ЕСМ го компензира потребното производство преку своите хидроелектрани кои се во секој момент подготвени да се вклучат во мрежа.
Со други зборови, ангажирани се системските услуги кои ЕСМ има обврска да ги обезбеди и истите му се на располагање на преносникот МЕПСО, односно резерви на енергија за балансирање на системот кога потрошувачката и производството отстапуваат. На тој начин дури и во вакви ситуации електро-енергетскиот систем функционира во рамките на предвидените процедури“, велат од ЕСМ, напоменувајќи дека АД ЕСМ нема направено увоз на електрична енергија од 2017г, туку дека годинава продала вишоци електрична енергија за 17,4 милиони евра.